Достапни линкови

Неформално образование за екологија - надеж за посвесни генерации


Енергетска ефикасност, одржлив транспорт, заштита на животната средина се дел од обуките кои организацијата „Еко логик“ повеќе години ги спроведува во неколку скопски училишта во општините Центар, Карпош и Илинден во делот на неформалното образование. Се надеваме дека во иднина ќе создадеме посвесни генерации за еколошките теми, вели Никола Нешкоски инженер за животна средина и претседател на организацијата во разговор за Радио Слободна Европа.

Во услови кога Македонија се соочува со многу сериозни еколошки проблеми, колку според вас образованието од ваков тип може да придонесе за подобрувањето на квалитетот на животната средина?

Неформалното образование во Македонија иако не е признаено, како што не е признаено во голем дел од европските земји, сепак како тип на образование може да придонесе многу, особено кога станува збор за теми од животната средина. „Еко логик“ има доста големо искуство во спроведување на разни методи во основните училишта поврзано со неформално образование на теми екологија. Под екологија можеме да извадиме повеќе подтеми како на пример: енергетска ефикасност, отпад, реупотреба и така натаму, каде што децата од најмала возраст преку различни креативни и иновативни методи се учат на теми поврзани со екологија и заштита на животна средина. Нашата надеж е дека во иднина ќе создадеме посвесни генерации од денешните.

Каков е интересот кај учениците за овие теми?

Интересот кај учениците е огромен. Тоа може да се заклучи од тоа што концептот на работење на нашата организација во основните училишта се базира на работење на годишни и двегодишни програми со едни исти ученици. На пример започнуваме со ученици кои се во петто одделение, за петто, шесто и седмо одделение одиме со исти обуки за нив, со тоа што одиме со исти одделенија со исти ученици. Како што продолжуваме од една во друга фаза на обуките, гледаме како интересот на децата расте, но и како расте нивното знаење. Последно нешто кое го докажува високиот интерес на децата во поглед на овие обуки и ова образование е интересот на едно основно училиште од Скопје, кое со помош на менторите наставници и со помош на тимот на „Еко логик“ ги организираше своите ученици да направат еко прирачник.

Кои се другите методи кои ги користите за учениците да добијат поголем интерес?

Најчесто користиме методи на атрактивно креирани едукативни материјали, и од поглед на дизајн и од поглед на содржина. Дизајнот се разликува прилично многу од оние стандардни училишни книги, што е прво нешто за да го привлечеме детето да сака да го користи тој материјал. Второ е содржината која се базира на игра и на забава. Нашите едукативни материјали се базираат на разни задачи кои им се интересни на децата да ги решаваат. Користиме методи на крстозбори, на повеќенасочници, на разни загатки, на направи сам, на разни експерименти и т.н.

Треба ли, според вас, методите кои се користат во неформалното образование да бидат дел од формалното?

Секако! Не сакаме да навредиме никого од или пак да деградираме, меѓутоа начинот на кој се одвива наставата во голем процент од часовите, се одвива на оној веќе познат начин каде што децата слушаат, а наставникот зборува. Во нашиот случај, нашето излагање како тим е максимум пет минути, а останатите 35 минути од часот се користат за заедничко интерактивно работење во соработка со децата, така што ние работиме преку пракса. Не е работата само да им предаваме сувопарно да слушаат и после се да заборават, туку работата е да го примат тоа преку практични примери.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG