Младите и младинскиот сектор во Македонија добија големо признание на европско ниво. Ова беа воведните зборови на веста од пред неколку недели за приклучувањето на Националниот младински совет на Македонија во Европскиот младински форум - најголемото младинско претставничко тело во Европа.
Доколку сакаме младите луѓе да се чувствуваат охрабрено за да дадат вистински придонес како граѓани во своите заедници, потребна е промена и на ставовите и однесувањето. Мошне важно е институциите да промовираат промена во политичката култура, активно вклучувајќи се во дијалози со младите.
Огромен успех на 60-те организации членки и илјадниците млади луѓе кои обединети преку Националниот младински совет систематски работат на унапредување на општеството и положбата на младите во истото. Не можев да бидам погорд и посреќен во моментите кога на генералното собрание, каде станавме 100-ти член на европското младинско семејство, од сите страни доаѓаа честитки и признанија за еден од најбрзо растечките Национални младински совети, за успесите, посветеноста и постигнувањата на младите од земјава. Европа ни честиташе - и десница и левица и меѓународни организации и национални совети и верски и студентски, дури и есперанто заедницата.
Сите честитаа и го уважија значењето на организираното младинско дејствување и постоењето на Националниот младински совет на Македонија. Сите освен домашните. Домашните институции, или барем онаа во чиј домен се младите, Агенцијата за млади и спорт, заборави. Впрочем агенцијата сè уште „заборава“ и да го признае Националниот младински совет за она што е - национален претставничко тело на младите во Македонија, а не само уште една младинска чадор организација. Со тоа државата практично „заборава“ да го уважи значењето на активното и организирано вклучување на младите за успешниот развој на демократското општество.
И кога велам активно учество, тоа значи целосно, значајно и ефективно вклучување во процесите. Тоа подразбира и бара придвижување од консултација кон партиципација и инвестиции за зајакнување на младите. Не е доволно само да се има некакви младински политики и тела кои само формално ќе ги претставуваат младите. Не е потребна само форма, туку суштина. Консултациите секако имаат вредност, но тие не се единствениот и секако не се најадекватниот начин за ангажирање на младите како активни граѓани. Младите потребно е да бидат препознаени како партнери и значајни придонесувачи во креирањето на јавните политики. Активното вклучување на младите луѓе мора да биде вградено во политичките процеси на локално, национално и глобално ниво, така што младите ќе станат директен чинител, а не само предмет, во политиките кои директно ги засегаат нивните животи. Наша должност е да бараме, а на институциите да пружаат поддршка и поттикнуваат дијалог со младите и младинските организации како организирани форми на дејствување.
И тука, некој кој е делумно запознаен со состојбите на младинското учество во земјава ќе рече „Чекај, па покани за вклучување на млади има од сите страни! Што повеќе сакаат па сега?“. Точно, младинското учество во последниве години некако стана тренд и помодарство, како во меѓународен, така и во национален и локален контекст. Но, дури и онаму каде што се презема акција, таа е далеку од сеопфатна. Голем е бројот на општини кои основаа локални младински совети и имаат форма на учество на младите луѓе, но многу мал број од нив работат со младите на систематски и стратешки начин. Потребна е институционализација на демократски системи за млади доколку сакаме индивидуалните и спорадични успеси да не бидат загубени. Еден од начините да го постигнеме ова е преку воведување на формални механизми за политички дијалог меѓу младите и институциите на сите нивоа, и градење партнерства со младинските претставнички тела. Партнерства за кои Националниот младински совет постојано подава рака, ама другата страна некако постојано „заборава“ да ја прифати.
Погоре посочив дека не е се до формите. Доколку сакаме младите луѓе да се чувствуваат охрабрено за да дадат вистински придонес како граѓани во своите заедници, потребна е промена и на ставовите и однесувањето. Мошне важно е институциите да промовираат промена во политичката култура, активно вклучувајќи се во дијалози со младите и промовирање на почитта кон нив како важни општествени актери. А за сметка на ова, колку младите луѓе повеќе активно се вклучуваат во општествените процеси, толку подлабоко и посуштински ќе ги разбираат концептите на активно и одговорно граѓанство. Тоа во крајна линија значи креирање на поквалитетни политики кои ги одразуваат и адресираат вистинските потреби на младите.
И како за крај, навистина сакам да верувам дека вредноста на младинското учество досега е препознаена. Судејќи барем според она „покани до младите фрчат од сите страни“, делува дека тоа е така (помалку или повеќе) на сите нивоа, од локален до национален контекст. Но, препознавање не е исто што и дејствување, а напредокот во областа на практичната имплементација е навистина спор или пак целосно отсуствува. Учество е сè уште недоволно интегрирано во сите области на младинското живеење. Иницијативите за истото се ограничени на барање на мислење од младите за одредени теми, а нивното посуштинско вклучување при одлучувањето е навистина ретко. Поради ова, младите остануваат маргинализирани во повеќето демократски процеси. Токенизмот и таквиот начин на учество е целосно безначаен и тоа не ги охрабрува младите да влијаат на крајните исходи од политиките или, пак, да издејствуваат вистинска промена. Мораме да направиме заеднички напори, и ние и институциите, во зајакнувањето на младинското учество и партиципативната демократија. На овој начин ќе го осигуриме развојот не само на младите туку и на демократијата и самото општество.
Младински поздрав и Среќна нова!