Достапни линкови

Тероризам и мигранти - печат на 2015


Видео осврт на 2015-та
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:06 0:00

Видео осврт на 2015-та

Тероризам, милитантната група Исламска држава, бегалската криза и кризата во еврозоната ја одбележаа 2015 на глобален план.

Кој претпоставуваше дека настаните од почетокот на две илјади и петнаесетта ќе ја одбележат скоро целата година. Ако може да се направи некаков пресек на настаните во светот тогаш преовладуваат оние се поврзани со тероризмот, милитантната група Исламска држава и бегалската криза, но исто така и кризата во еврозоната.

Шарли Ебдо

Не минаа седум дена од се уште новата 2015 година, две исламистички вооружени лица влегоа во редакцијата на францускиот сатиричен неделник „Шарли Ебдо“ во Париз со извиците „Алах Акбар“ по што следуваше неколку дневна полициска акција. Беа убиени 17 луѓе. Неделникот претходно објави карикатури на Пророкот Мухамед.

Француската полиција во акција за апсење на осомничените
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:37 0:00

Победа на Сириза

Кон крајот на јануари во Грција беа одржани парламентарни избори кои ја сменија повеќе децениската политичка слика во таа земја. За прв пат победи левичарската Сириза. Илјадници луѓе излегоа на улиците на Атина да го поздрават нејзиниот лидер Алексис Ципрас. Обраќајќи им се тој вети крај на болните мерки за штедење од странските кредитори. На 26 јануари тој стана нов премиер на Грција.

Минск надеж за мир во Украина

Тешките борби меѓу украинската армија и проруските сепаратисти на истокот на Украина доведоа на 11 февруари во Минск, Белорусија, да се состанат лидерите на Русија, Украина, Франција и Германија. Притоа беше договорен мировен план за крај на десет месечниот конфликт во кој загинаа над пет илјади луѓе. Двете страни, освен прекин на огнот требаше да го повлечат нивното тешко вооружување од линијата на фронтот.

Борис Немцов застрелан во грб

На 27 февруари во Москва рускиот опозициски политичар Борис Немцов беше застрелан во грб. Неговото тело беше оставено да лежи на мостот во близина Кремљ. Тој беше еден од најголемите опоненти на рускиот претседател Владимир Путин и на руската улога во Украина. Властите сугерираа дека можеби опозицијата стои зад неговото убиство за да го претвори во маченик и да ги обедини своите редови.

Копилот урна авион на Германвингс

На 24 март патнички авион на „Германвингс“ на лет од Барселона кон Диселдорф се урна во француските Алпи при што загинаа 150 луѓе. Првичната истрага покажа дека копилотот Андреас Лубиц се заклучил во кабината и намерно го насочил авионот кон планината. Се претпоставуваше дека можеби се работи за терористички чин, но потоа се покажа дека Лубиц имал психички проблеми.

Ново поглавје во односите САД - Куба

По неколку децениско непријателство меѓу Соединетите држави и Куба, претседателите Барак Обама и Раул Кастро се поздравија на Американскиот самит што се одржа на 10 април. Тоа беше симболичен гест откако претходно најавија обновување на односите меѓу двете земји. Лидерите на овие земји се немаа сретнато уште откако браќата Кастро го соборија од власт проамериканскиот диктатор Фулгенсио Батиста, а Куба стана близок сојузник на Москва.

САД и Куба и официјално со дипломатски односи
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:31 0:00

Медитеранот - бегалска гробница

Италијански патролен брод кон крајот на април пристигна на Малта со 24 мртви тела на мигранти извлечени од Медитеранот, во една од најголемите катастрофи што дотогаш се случија во бегалскиот бран од Африка кон Европа. Во потонатиот брод имаше над 700 бегалци. Тоа беше само почеток на големата мигрантска криза што ќе ја зафати Европа од луѓето кои бегаат од сиромаштијата и војните во Африка и Азија.

Рамади во рацете на ИД

Во тешките борби меѓу ирачките сили и милитанти на Исламската држава, градот Рамади на 17 мај падна во рацете на екстремистите. Ирачката армија почнала хаотично да се повлекува од градот во ирачката провинција Анбар. Тоа ја покажа слабоста на ирачката војска, а илјадници луѓе од Рамади беа принудени да ги напуштат нивните домови.

Запрени амбициите на Ердоган

Турција се соочи со политички превирања откако владејачката Партија на правдата и развојот го загуби парламентарното мнозинство на изборите одржани на 7 јуни. Со тоа беа запрени амбициите на претседателот Реџеп Таип Ердоган кој се надеваше дека ќе добие двотретинско мнозинство во парламентот за да направи измени во Уставот со цел да добие повеќе моќ како претседател. За прв пат во турскиот парламент влезе и Курдската народна демократска партија. Откако не беше направена влада во ноември беа одржани нови избори на кои победи Партија на правдата и развојот.

Грчка криза

Во јули кулминираше грчката економска криза, бидејќипретходниот месец Грција не го исплати долгот спрема ММФ. Грција се најде пред банкрот. Премиерот Алексис Ципрас организира референдум на кој беа отфрлени острите мерки за штедење и тешките реформи што ги предлагаат странските кредитори. И покрај ваквиот резултат парламентот ги усвои мерките и го отвори патот за спасувачкиот пакет. Во септември Ципрас победи на вонредните избори.

Мигрантски бран

Во август почна да се интензивира бранот мигранти од Сирија, Авганистан и Ирак преку Турција кон грчките острови. Поради големиот прилив грчката влада беше принудена со бродови да ги пренесува во Атина по што со возови им го овозможи патот, преку Балканот до побогатите членки на Европската унија. Тоа доведе до тензични ситуации и подигнување на огради на границите, до недоразбирања во Унијата околу решавањето на овој проблем.

Москва со воздушните напади врз Сирија

На 30 септември Русија почна воздушни напади во Сирија во нејзината најголема воена интервенција во изминативе неколку декади. Со тоа претседателот Владимир Путин означи нова фаза во четири годишниот конфликт во Сирија. Кремљ тврди дека главна цел се позиции на милитантите на Исламската држава, но Западот е уверен дека Москва сака да му помогне на режимот на претседателот Башар ал Асад кој ја нема поддршката од поголемиот дел на меѓународната заедница.

Терористички напади

Октомври беше одбележан со терористички напади. Првиот се случи во Анкара кога во двојна експлозија на еден мировен протест беа убиени над сто луѓе. За овој најкрвав напад од таков вид во модерната турска историја претседателот Реџеп Таип Ердоган ја обвини Курдската работничка партија. Неколку дена потоа руски патнички авион на летот од египетското одморалиште Шарм ел Шеик за Санкт Петербург се урна над Синајскиот полуостров при што загинаа 224 луѓе. По неколкудневна истрага се покажа дека во авионот имало бомба. Одговорноста ја презеде ИД.

Две недели потоа, односно на 13 ноември Париз, а и светот беше потресен од симултаните напади во неколку делови на градот при што беа убиени 130 луѓе. Најсмртоносно беше во концертната сала Батаклан каде што напаѓачите со автоматски пушки стрелаа во публиката. Напади имаше и пред стадионот Стад де Франс каде што се играше пријателскиот меч меѓу Франција и Германија. Повеќето напаѓачи беа убиени, а беа извршени и неколку рации во Брисел. Напаѓачите имале врски со ИД.

Над 100 загинати во синхронизирани терористички напади во Париз
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:42 0:00

Царот и Султанот

На 24 ноември Турција собори руски воен авион во близина на границата со Сирија. Анкара соопшти дека авионот постојано го нарушувал турскиот воздушен простор, но Москва го демантира тоа. Рускиот претседател Владимир Путин оцени дека тоа е нож во грбот од еден сојузник во борбата против исламските милитанти. Инцидентот ги залади односите меѓу двете земји.

Црна Гора во НАТО

Во почетокот на декември НАТО ја покани Црна Гора да стане членка на Алијансата. Тоа, како што беше оценето во Брисел, е потврда дека НАТО ја држи вратата отворена за сите кои имаат желба да му се приклучат. Од друга страна поканата наиде на остри критики од Москва, но и од дел од црногорците кои започнаа. Затоа Кремљ побара референдум за овој потег на Црна Гора.

Големи светски договори

Ете, почитувани, ова е само еден од можните прегледи на најважните настани во светот во 2015 година. Вакви прегледи има многу и се различни во зависност од интересот. Во овој преглед намерно се испуштени двата големи светски договора: за ограничувањето на иранската нуклеарна програма во замена за олабавување на меѓународните санкции и за ограничувањето на затоплувањето на атмосферата за 2 степена со цел да се спречи глобалното затоплување на Земјата. Намерно затоа што допрва треба да се види колку навистина и ќе бидат спроведени. Токму тоа треба да го покаже 2016 година. Нека ви е среќна и нека ви донесе повеќе од радости од претходната.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG