Турски воени авиони денеска соборија руски борбен авион во близина на границата со Сирија, кој според властите во Анкара, го нарушил воздушен простор на земјата. Претходно, според властите било испратено предупредување авионот да ја напушти територијата на Турција. Руските власти пак соопштија дека авионот бил во воздушниот простор на Сирија. Според, руското министерство за одбрана, двајцата пилоти се катапултирале од авионот, но се уште не се знае дали преживеале.
"За време на целиот тек на летот, авионот беше над територијата на Сирија", соопштија од руското министерство за одбрана.
Турската војска соопшти дека авионот бил предупреден 10 пати во период од пет минути за нарушување на турскиот воздушен простор.
"Податоците што ги имаме се многу јасни. Имаше два авиони кои се приближуваа кон нашата граница, ги предупредивме дека се премногу блиску", изјави висок турски функционер.
За време на целиот тек на летот, авионот беше над територијата на Сирија.Министерството за одбрана на Русија
Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека соборувањето на рускиот борбен авион е „нож во грб“ од страна на Турција и предупреди дека тоа ќе има сериозни последици врз билатералните односи меѓу двете земји.
„Не можам на поинаков начин да го оквалификувам тоа што се случи“, изјави Путин.
Според Путин, авионот бил соборен во Сирија на 4 километри оддалеченост од турската граница.
Турскиот премиер Ахмет Давутоглу изјави дека неговата земја има право да ги преземе сите мерки против нарушувањето на границите.
„Светот треба да знае дека Турција направи се што е неопходно за да ја гарантира сопствената безбедност“, истакна Давутоглу.
НАТО по соборувањето на рускиот борбен авион повика на вонредна средба на амбасадорите на земјите членки по барање на Турција. Средбата ќе се одржи денеска попладне во главниот град на Белгија, Брисел.
Сириската бунтовничка група испрати видео до Ројтерс, во кое е прикажан еден од пилотите, кој е неподвижен. Еден од бунтовниците соопшти дека пилотот починал.
Во минатиот месец турски авиони собориле беспилотно летало кое го нарушило воздушниот простор на Турција.