Мерката со која од следната година ќе се заострат условите за земање потрошувачки кредит, иако прилично непопуларна, е корисна за граѓаните, бидејќи тие се многу задолжени. Ова е коментарот на дел од економистите по одлуката на Народната банка со која од 1 јануари потешко ќе се добива долгорочен потрошувачки кредит.
Бидејки многу ни се мали платите, затоа земаме кредити да си ги покриеме трошоците. Ни доцнат платите. Не можеме да преживееме едноставно. И двајца да работат нема шанси. Сè ни е високо за плаќање, и вода и струја. Работиме месец дена за по 10 илјади денари.Анкетиран граѓанин.
Прашањето е зошто граѓаните имаат во огромен број блокирани сметки ако економска политика е толку добра како што тврди владата, вели економистот Зоран Витанов.
„Прашањето е како и зошто дошло до тоа. Оти сега и владата со тие мерки и Централната банка само гасат пожари. Меѓутоа, никој не се прашува зошто граѓаните имаат во огромен број блокирани сметки и зошто граѓаните не се кредитоспособни и тенденцијата е од ден во ден да бидат во сè полоша ситуација“, вели Витанов.
Банките што по Нова Година ќе одобруваат нови долгорочни потрошувачки кредити ќе мора да обезбедат поголем капитал со рок еднаков или подолг од осум години, како еден вид гаранција. Овој потег на гувернерот Богов следува откако НБРМ направила анализа дека се зголемува ризикот, односно расте проблематичното салдо кај потрошувачките кредити.
Граѓаните се загрижени поради заострувањето на условите за земање кредит, бидејќи слично заострување на условите се очекува и за граѓаните кои ќе сакаат да се задолжат преку популарните кредитни картички или со минус на тековните сметки. Дел од нив коментираат дека тоа претставува уште едно отежнување за граѓаните кои имаат ниски плати и земаат кредити за да може да ги исплатат трошоците.
„Кај што работеле двајцата сопружници, а едниот останал без работа, автоматски се создава проблем околу исплаќање на кредитите и затворање на кредитните картички. Ете тоа е.“
„Бидејки многу ни се мали платите, затоа земаме кредити да си ги покриеме трошоците. Ни доцнат платите. Не можеме да преживееме едноставно. И двајца да работат нема шанси. Сè ни е високо за плаќање, и вода и струја. Работиме месец дена за по 10 илјади денари“, велат анкетираните граѓани.
Банкарите засега не ги коментираат овие мерки, но дел од нив сметаат дека тоа ќе се одрази со зголемување на внимателноста при одобрување на овој вид на кредити, што може да резултира со скратување на рокот за исплата на кредитите од десет на осум години. Од друга страна, банкарите не очекуваат зголемување на каматите, односно поскапување на кредитите.