Достапни линкови

Продлабочувањето на кризата може да ги зголеми каматите


Земаме кредити за да покриеме трошоци и најавите за повисоки камати не затекнаа, велат граѓаните. Гувернерот Богов вели дека во втората половина на годината ќе има ситуација кога економијата би се соочила со рецесија ако продолжи оваа политичка неизвесност и уште ескалира.

Можноста дека ќе плаќаат повисоки камати за долговите што ги направиле во претходниот период предизвика вознемиреност кај граѓаните бидејки тие и досега се жалеа на високите цени и ниските плати. Тие велат дека се затекнати од последната најава.

Бидејќи ни се многу мали платите затоа земаме кредити за да ги покриеме трошоците. И двајца да работиме нема шанси, сè ни е скапо тука и струја и вода сè.
Анкетиран граѓанин.

„Еве јас имам земено кредит и мислам со десет илјади денари тоа да го покријам, со поголеми камати нема шанси. Бидејќи ни се многу мали платите затоа земаме кредити за да ги покриеме трошоците. И двајца да работиме нема шанси, сè ни е скапо тука и струја и вода сè“, вели анкетиран граѓанин.

Претходно гувернерот на Народна Банка Димитар Богов укажа дека кризата на долг рок може да ги зголеми каматите. Тој вели дека она што ќе го предизвика политичката ситуација е инвеститорите да почнат да се воздржуваат од инвестирање, потрошувачите да се воздржуваат од трошење и тоа ќе создаде помали приходи на претпријатијата кои што веројатно може да дојдат до потешкотии да ги враќаат кредитите на банките.

Кризата ќе почне кај претпријатијата, ќе се пренесе кај банките и тој круг ќе почне да се врти со помала потрошувачка и помали инвестиции и намалување на платите.
Димитар Богов, гувернер на Народна Банка.

„Кризата ќе почне кај претпријатијата, ќе се пренесе кај банките и тој круг ќе почне да се врти со помала потрошувачка и помали инвестиции и намалување на платите. Влегуваме во една спирала и во втората половина на годината ќе имаме ситуација кога економијата би се соочила со рецесија ако продолжи оваа политичка неизвесност и уште ескалира“, рече Богов.

Тој додава дека во таква ситуација може да дојде во прашање и ценовната стабилност. Во тој случај инструментите кои стојат на располагање на Народната Банка меѓудругото е зголемување на каматните стапки за да се зачува стабилноста во една таква хипотетичка ситуација, вели гувернерот Богов.

„Беше пренесено дека гувернерот уште утре ќе ги зголеми каматите, што е сосема различно од она што беше кажано. Ако дојде до таа ситуација компаниите до тој период веќе ќе бидат во потешка ситуација, веќе ќе имаат намалено производство, веќе ќе имаат намалени приходи, веќе ќе бидат соочени со намалување на бројот на вработени и на сите останати трошоци и во таква ситуација тие ќе имаат дури потежок пристап до кредити, а и ќе имаат поголеми камати на кредитите кои што ќе ги добиваат“, изјави Богов во интервју за Радио Слободна Европа што ќе се емитува в недела.

Хипотетичка е таа ситуација, но зголемувањето на каматите на ниту една компанија не и одговара. Савка Димитрова директор на фабриката Европа, вели дека во тој случај не би можело да се очекува развој на производството во компании кои имаат ниски маржи во производството. Таа предупреди дека во една таква ситуација ќе се обрне внимание на нормалното работење, а за проширување на производството и нови инвестиции секако дека ќе се стагнира, затоа што не ќе може да се поднесат таквите камати.

„Ние баш напротив мислиме дека ниските камати станаа достапни и за компании од наш тип кои имаат релативно ниски маржи на работење. Заради големата конкуренција не можеме да остваруваме високи маржи кои би ги покривале високите камати“, вели Димитрова.

Инаку има и компании кои земаат кредити да исплатат плати. Тоа уште повеќе ќе се одрази преку намалување на платите во тие компании, велат бизнисмените.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG