Достапни линкови

Богов - Ако политичката криза продолжи, штетата ќе ја почувствуваме сите


Богов - Ако политичката криза продолжи, штетата ќе ја почувствуваме сите
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:59 0:00

Богов - Ако политичката криза продолжи, штетата ќе ја почувствуваме сите

Ако политичката криза продолжи или ескалира, штетата ќе ја почувствуваме сите, затоа што тоа ќе значи помалку инвестиции, создавање помалку работни места, можеби и намалување на плати, ако дојде до таква ситуација да имаме повисоки каматни стапки, сите коишто имаме кредити ќе имаме поголеми рати за плаќање, исто така бизнисите ќе имаат поголеми рати за плаќање, така што штетата ќе ја почувствуваат сите што живеат во Македонија, вели гувернерот на Народната банка Димитар Богов во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Богов, прв алармиравте дека политичката криза може негативно да се одрази врз економијата. Дали веќе сме во криза со оглед на тоа што веќе најавивте мерки и очекувате ли дека 2015 година ќе биде економски тешка година?

2015 требаше да биде една од подобрите економски години, бидејќи таа доаѓа по две години во кои остваривме солиден економски раст. По нашите проекции, тој раст требаше да продолжи уште посилно во 2015 година со раст на БДП од 4,1 отсто и тоа не беше само наше видување, тоа беше видување и на Европската комисија и на ММФ и на останатите меѓународни финансиски институции коишто прават проекции за македонската економија. Тој тренд за жал е доведен во опасност поради случувањата на политичката сцена во последните неколку месеци и може да биде загрозено тоа остварување коешто беше доста извесно.

Дали веќе сме во криза со оглед на тоа што најавивте мерки?

Ние внимателно ги следиме економските индикатори. Економските индикатори обично излегуваат со задоцнување од еден, два или три месеци по завршувањето на соодветниот период. Од оние индикатори коишто се досега расположиви, немаме такви индикации. Движењата во првиот квартал се доста солидни, извозот расте, производството расте, од оние индикатори коишто ние ги следиме на дневна основа, како што се депозитите, како што е девизниот пазар, исто така, дури и досега, до средината на мај, ние немаме некои индикации дека нешто невообичаено се случува. Напротив, движењата се многу поволни, депозитите се исклучително стабилни и продолжуваат да растат, а девизниот пазар е како што беше и на почетокот на годината, исклучително добар и стабилен.

Меѓутоа најавивте дека кризата може да ги зголеми каматите. Дали со оваа постапка директно се оштетени граѓаните и немаше ли друга алтернатива за да се амортизира ударот?

Тука малку беа пласирани одредени дезинформации, бидејќи јас одговорив на едно прашање во собраниската Комисија за финансирање и буџет, каде што на истото прашање дадов еден исцрпен одговор. Значи, она што ќе го предизвика политичката ситуација е прво, инвеститорите ќе почнат да се премислуваат, да не инвестираат или да се воздржуваат од инвестирање, потрошувачите да се воздржуваат од трошење и тоа ќе доведе до намалена побарувачка. Намалената побарувачка потоа доведува до намалено производство, тоа потоа им создава помали приходи на претпријатијата коишто веројатно може да дојдат во тешкотии да ги враќаат кредитите на банките. Значи, кризата ќе почне кај претпријатијата, ќе се пренесе на банките и тој круг потоа се врти. Таа негативна спирала ќе почне да се врти, уште помалку инвестиции, уште помала потрошувачка, нема создавање на нови работни места, можно е да дојде до намалување на платите и влегуваме во една спирала којашто многу веројатно во еден период, тоа нема да се случи денеска или утре, меѓутоа во втората половина на годината веќе ќе имаме ситуација кога македонската економија би се соочила со рецесија, нормално ако продолжи оваа политичка неизвесност или уште ако ескалира. Во таква ситуација, може да дојде во прашање и ценовната стабилност. Искуството во Македонија покажува дека секогаш кога има рецесија обично има и притисоци врз макроекономската стабилност. Во таква ситуација, Народната банка, според закон, има обврска да ја одржи ценовната стабилност и стабилноста на банкарскиот систем. Инструментите коишто нам ни стојат на располагање се каматните стапки, задолжителната резерва, макропрудентните мерки. Ние ќе го преземеме она што мора да го преземеме за да ја зачуваме стабилноста во една таква хипотетичка ситуација. Она што беше пренесено, беше пренесено дека гувернерот уште утре ќе ги зголеми каматите, што е сосема различно од она што беше кажано.

Како зголемувањето на каматните стапки ќе се одрази врз компаниите?

Ако дојде до таква ситуација, компаниите веќе во тој период ќе бидат во потешка ситуација, веќе ќе имаат намалено производство, веќе ќе имаат намалени приходи, веќе ќе бидат соочени со намалување на бројот на вработени и на сите останати трошоци и во таква ситуација тие ќе имаат дури и потежок пристап до кредити, а и ќе имаат поголеми камати на кредитите коишто ќе ги добиваат.

Има одредени мислења дека Народната банка со својата политика во наредниот период ќе ја штити политиката на големи владини трошења за евентуални брз избори.

Тоа не е економски став, тоа е доста лаички политички став. Прво, Законот за Народна банка изрично забранува Народна банка да врши печатење пари за финансирање на буџетскиот дефицит. Народна банка нема таква можност и Народна банка тоа никогаш нема да го направи. Народна банка има со закон дадена обврска да ја оствари ценовната стабилност. Значи, ако ние го правиме тоа што беше кажано, тоа не е согласно нашата основна цел и ние нема да ја оствариме нашата основна цел. Контрадикторно е она што беше кажано. Ако ние имаме рестриктивна политика и јас кажав дека ние ќе направиме сè, вклучително и можно зголемување на каматните стапки за да ја задржиме ценовната стабилност. Значи, тоа е контрадикторно со она што сега тој го кажува дека Народната банка ќе печати пари и ќе ја финансира владата. Самиот факт што Народна банка останува цврсто на задржување на ценовната стабилност, на задржување на стабилноста на курсот на денарот, јасно кажува дека Народна банка нема воопшто ниту намера, ниту можност да прави печатење пари заради финансирање на државата.

Дали веќе е видливо влијанието на политичката криза преку закочени инвестиции однадвор или откажани аранжмани?

Како што кажав, преку индикаторите коишто се расположливи сè уште не го гледаме тоа, веројатно веќе во јули ќе ги имаме првите сигнали дали политичката ситуација влијае на тие економски движења. Но, веќе јас имам некои индивидуални најави од ваму и од таму, дека некои се премислуваат, некои се двоумат и од домашните и од странски инвеститори, дали да ги реализираат своите инвестиции или да почекаат да видат како ќе се реши ситуацијата или некои од нив веќе дури и се премислиле и се определиле за други дестинации.

Зошто денарот и покрај слабата македонска економија, 25 години е врзан за еврото, претходно за германската марка, и нема флуктуирачки курс? Некои економисти сметаат дека тоа ја намалува конкурентноста на нашиот извоз.

Нашиот извоз континуирано се зголемува во овие 20 години колку што ние ја спроведуваме политиката на стабилен курс на денарот. Конкурентноста на една економија не се гради со курсот, конкурентноста се гради со структурните реформи, со зголемување на ефикасноста, продуктивноста на домашната економија, подобрување на општиот бизнис амбиент. Со девалвација на валутата никој не ја зголемил конкурентноста. Тоа може привремено да се направи, со привремен ефект, меѓутоа тоа ќе предизвика инфлација која веднаш ќе го изеде тој ефект од девалвацијата и повторно сме на истото. Ако не смe направиле во меѓувреме структурни реформи за да ја зголемиме конкурентноста, повторно ќе треба да правиме девалвација во наредниот период за да ја зголемиме конкурентноста. Но, токму политиката на стабилен курс на денарот создаде такво амбиент во кој што и владата и економските субјекти беа свесни дека единствен начин за зголемување на нашата конкурентност се структурни реформи, подобрување на бизнис амбиентот, зголемување на продуктивноста, на ефикасноста, одржување на ниски буџетски дефицити.

Експлицитен сте во ставот дека и во вакви услови денарот ќе остане стабилен. Кој е вашиот совет до граѓаните, дали штедните влогови да останат во денари или во странска валута?

Јас немам сомнение дека денарот ќе остане стабилен, јас сум сигурен во тоа. Ние сме имале повеќе вакви турбулентни периоди во изминатите 15-тина години и историјата покажа дека оние коишто тогаш не веруваа во денарот изгубија, оние коишто веруваа добија. Оние што ќе го задржат штедењето во денари ќе добијат и повисока камата и ќе ги избегнат оние трансакциски трошоци за купување девизи, па потоа кога ќе видат дека нема никаков проблем ќе се враќаат во денари.

Колку се сигурни депозитите во банките, особено во оние со грчки капитал?

Депозитите во банките се сигурни колку што се сигурни и банките, а колку се сигурни банките цениме според тоа какво е корпоративното управување во нив, каква е состојбата со капиталот, со ликвидноста, каква е профитабилноста, какви се внатрешните системи на таа банка. Ако судиме според тоа, тогаш депозитите во грчките банки коишто ги споменавте се можеби и посигурни отколку во некои други банки, но генерално депозитите кај сите банки се сигурни, бидејќи нашиот банкарски систем е доста стабилен и проблемите што кај некои банки се присутни се од решлива природа.

Може ли Централната банка да покрене иницијативи за спасување на стопанството?

Нам не ни треба спасување бидејќи стопанството, како што кажав, е во доста добра состојба, но има опасност, ако оваа политичка ситуација продолжи или ескалира, да се загрози стопанството. Централната банка не е политички актер, Централната банка алармираше пред два или три месеци првиот пат, еве деновиве сме повторно актуелни, значи алармираме дека ова што се случува може да ѝ нанесе сериозна штета на македонската економија, а со тоа и на сите граѓани на Македонија и на сите бизниси во земјава, така што сите треба да бидеме свесни за тоа и сите треба да придонесеме за ова што побрзо да се заврши.

Каква е состојбата со девизните резерви?

Девизните резерви се на адекватно и соодветно ниво, во моментов се 2,3 милијарди евра и тоа е ниво коешто го одржуваме стабилно освен оние отплати коишто достасуваат, девизниот пазар е исклучително стабилен и ние од почетокот на годината имаме откуп на девизи.

Политиката и натаму е најголемиот проблем во државата. Што треба да се направи за тоа да се промени?

Можеби да имаме подобри политичари. Секако тоа е шега. Јас сум економист, јас можам да кажам што можеме да направиме во економијата за да ја подобриме економијата, но политиката ќе им ја оставам на политичарите.

Најавивте дека може да има намалување на проектираната стапка на економски раст. Како тоа ќе се одрази врз граѓаните?

Ние очекувавме 4,1 проценти раст за оваа година, Европската комисија очекува 3,8 отсто, ММФ исто така 3,8 проценти, значи многу сме блиску, но случувањата на политичката сцена, политичката неизвесност секако дека ќе влијае на економските случувања. Многу е веројатно, но тоа веројатно ќе го знаеме во втората половина од годината кога ќе ги забележиме движењата кај индикаторите што тогаш ќе се појават дека ние ќе почувствуваме штета од овие случувања. Штетата ќе ја почувствуваме сите на крајот, затоа што тоа ќе значи помалку инвестиции, создавање помалку работни места, можеби и намалување на плати некаде, значи намалена потрошувачка, намалени можности, ако дојде до таква ситуација да имаме повисоки каматни стапки, сите коишто имаме кредити ќе имаме поголеми рати за плаќање, исто така бизнисите ќе имаат поголеми рати за плаќање, така што штетата ќе ја почувствуваат сите што живеат во Македонија.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG