Достапни линкови

Ваши коментари - Пред анкетната комисија во тајност


Една од темите која го привлека интересот на нашите читатели е тоа што владините функционери бараат да сведочат за скандалот со прислушувањето зад затворени врати.

Граѓаните си коментираат на нашата веб-страница, реагираат на потезите на власта или на опозицијата, отвораат меѓусебни полемики и дебати, едноставно, го кажуваат своето мислење – но, дали некој од оние на кои се упатени коментарите и постовите по социјалните мрежи ги читаат нивните реакции? Поточно, политичарите. Судејќи по сè - или самите не сурфаат по интернетот или нивните соработници слабо им ги подготвуваат билтените за информирање.

Можеме само да им ʼчеститамеʻ на овие на фотографијата кои додека постојано се менуваа на власт успеаја да ја доведат земјата на работ на амбис.
коментар од читател.

На пример, има два интересни коментара на нашата веб-страница по информацијата дека „Анкетната комисија за прислушувањето е без анкетирани функционери!“ За потпишаниот со Курто и Мурто, во Македонија веќе 25 години од осамостојувањето се глумат демократија, чесност и патриотизам, а доказ за тоа фактот до каде е земјава: последна во регионот на економски план, последна во Европа по подготвеноста за зачленување во ЕУ и НАТО, последна во Европа по сите критериуми за човекови права, судство, медиуми и што уште не. „Можеме само да им ʼчеститамеʻ на овие на фотографијата кои додека постојано се менуваа на власт успеаја да ја доведат земјата на работ на амбис“, заклучува Курто и Мурто. За потпишаниот со Удбаши и останати - не ги бива ниту едните ниту другите. „Малограѓански сплеткароши и структури креирани од поранешна Удба кои не дозволуваат да се појави трета политичка сила која вистински ќе мисли на земјата и на народот“, коментира посетителот на нашата веб-страница.

По нашите информациии дека во Скопје е пронајдена тајна работилница со комплетна опрема каде што се фалсификувале лични карти и дека премиерот Груевски ја повика меѓународната заедница одблиску да го следи овој случај, Петар Ангелесеки на Фејсбук страницата на РСЕ со иронија прашува дали е можно и за ова да биде виновен СДСМ, а Џемал Адеми постирал: „Во право сте. Глуви сте и не ги слушнавте бомбите кој порачува да се направат лични карти“. Зоран Недков зачудено извикува: „Аман бе! Кралот Сонце бара помош од меѓународната заедница!?“, а Андрија Дед дава адреса на линкот со аудио-снимките од една од „бомбите“ каде што се слуша како високи функционери на партијата на власт разговараат токму за фалсификување лични карти на претходните избори.

И објавата од страна на премиерот Груевски за новиот владин проект „Купи куќа за млади“ има цел куп постови на нашата Фејсбук страница, кои, поради недостиг на време, грубо ги сведуваме на реакцијата на Гзим Амити: „Ова е уште една првоаприлска шега на премиерот пред изборите во април“ и на Вецан Стојковски: „Проект за арамиите! Чесните се или без работа или земаат плата од 150 евра“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG