Достапни линкови

Анкетна комисија без анкетирани функционери!


Се толкува деловникот, се утврдува дневниот ред. На седниците на Анкетната комисија за прислушувањето не се разговара за суштината која произлегува од незаконски снимените материјали, ниту, пак, се сослушуваат првите луѓе во државата.

Анкетната комисија за прислушуваните разговори како да заглави во ќор сокак. На седниците ниту се разговара за суштината која произлегува од незаконски снимените материјали, ниту, пак, се сослушуваат првите луѓе во државата. Откако премиерот и неговите први соработници го одложија терминот за сослушување, на денешната седница не се појави и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијаков.

Анкетната комисија треба да утврди и предложи политичка одговорност. Тие бегаат и од политичка и од кривична одговорност со оние опструкции што и ги прават на специјалната обвинителка Катица Јанева.
Тито Петковски, поранешен пратеник од НСДП.

На седниците кои се одржуваат се добива впечаток дека пратениците и од мнозинството и од опозицијата не можат ни да се разберат ако меѓусебе не комуницираат на висок тон и без лични навреди. Честопати главни теми за препирка им се усвојувањето на дневниот ред и како треба да се чита деловникот.

Поранешниот пратеник Тито Петковски смета дека главната причина за закочувањето на работата на комисијата е тоа што власта не сака да се изложи на судот на јавноста. Тој објаснува дека самото барање на власта седниците на кои ќе бидат сослушувани високи функционери да се одвива зад затворени врати, укажува на бегство од одговорноста.

„Анкетната комисија треба да утврди и предложи политичка одговорност. Тие бегаат и од политичка и од кривична одговорност со оние опструкции што и ги прават на специјалната обвинителка Катица Јанева“, вели тој.

Владејачкото мнозинство тврди дека причините за таквото барање лежат во класифицираните информации кои може да ги содржат нелегално стекнатите разговори.

Дополнително, во текот на преговорите, една од пречките за сопнување беше законот за необјавување на прислушуваните разговори. Петковски смета дека тоа само го објаснува стравот на власта од судот на јавноста, затоа што според нивната перцепција, ако некои работи не се објавени на провладините медиуми, тие тогаш не се случиле.

„И доколку не бидат објавени транскриптите од тие затворени седници од страна на опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ја шири мантрата дека тоа се лепени, прелепувани и монтирани разговори. Тие не сакаат граѓаните да им го видат лицето кога лажат“, вели Петковски.

Опозицијата ја обвинува власта дека прави сè за да ја опструира работата на Анкетаната комсија, додека, пак, од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека претседателот на комисијата се однесува како кон своја играчка. Како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, за Петре Шилегов „не постои ни деловник за работа на Собранието, ни деловник за работа на Комисијата“. Ваквите препирки само го намалуваат очекувањето во јавноста за конкретни резултати и политичка одговорност која треба да произлезе од работата на комисијата.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG