Достапни линкови

Кој прави „циркус“ од Анкетната комисија?


Собраниската анкетна комисија за скандалот со прислушувањето и денеска заседаваше, но речиси ништо не сработи. Премиерот Груевски, кој беше повикан да сведочи денеска, си презакажа за в понеделник, а нов термин понудил и министерот Ставрески.

Премиерот Никола Груевски не дојде на сослушувањето на собраниската анкетна комисија за прислушувањето поради редовни работни обврски, а ќе одговорел на поканата на 14 месецов, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ. И министерот за финансии Зоран Ставрески до комисијата испратил писмо во кое наведува дека нема да може да сведочи во закажаниот термин, туку на 17 декември. Претседателот на комисијата Петре Шилегов рече дека овие образложенија не стигнале во утврдените рокови, односно, како што вели, до седми, а дека двајцата функционери барале да сведочат по истекот на термините веќе утврдени од комисијата.

Ова е анкетна комисија на Собранието на Република Македонија и овде ќе работиме онака како што ќе бидат викани, а не како што ќе посакуваат.
Петре Шилегов, СДСМ.

„До седми лицето Никола Груевски вклучително и денешниот ден писмено ја нема известено оваа анкетна комисија за термините од 9 до 15. Лицето Зоран Ставрески ја извести со два дена задоцнување оваа анкетна комисија дека може да дојде во термин којшто е надвор од дадените. Оваа анкетна комисија не е приватна подружница ниту на една политичка партија, ниту на лице. Ова е анкетна комисија на Собранието на Република Македонија и овде ќе работиме онака како што ќе бидат викани, а не како што ќе посакуваат“, рече Шилегов.

Ние уште на почетокот имавме претпоставка дека некој оваа комисија ќе сака да ја претвори во циркус за освојување на дневно-политички поени, реагира Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ. Тие, наместо предлогот на дневен ред да биде сослушувањето на сведоците, побараа да се стават нови точки на дневен ред, конкретно - формирање на работна група за посета на МВР и УБК, заклучок за посетата во петок, заклучок за барање на доверлив материјал од УБК за скандалот за прислушувањето, барање на безбедносни сертификати за техничкиот кадар и пратениците во комисијата и распоред за сослушување на сведоците.

„Бидејќи овде се зборува за тоа кој ги почитува органите на Република Македонија и кој сака или не сака да ја сокрие вистината и кој бега од неа има два факта. Едниот е дека господинот Груевски како претседател на владата е тој кој ја почитува оваа анкетна комисија и сака пред истата да даде соочување и не бега од вистината. Вториот факт е дека господинот Заев бега од соочување со вистината и 4-5 месеци не се јавува пред судските органи на Република Македонија“, рече Милошоски.

И двата предлога за дневниот ред, едниот за сослушувањето на кој инсистираше опозицијата и другиот кој го предложи Милошоски, не беа усвоени на седницата, а Шилегов најави нова за утре на која повторно го повика за сведок Ставрески и шефот на кабинетот на премиерот Груевски Мартин Протуѓер. Пратениците од владејачката партија инсистираа Шилегов да ја забрза процедурата за издавање на безбедносни сертификати, бидејќи функционерите од ВМРО-ДПМНЕ сакаат да сведочат на затворена седница, поради, како што рекоа, доверливиот материјал, на што претседателот на комисијата одговори дека таквото барање е преурането. Денешната седница помина со меѓусебни препирки и довикувања.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG