Достапни линкови

Петчлено семејство во страв куќата да им падне врз глава


Семејството Талески од село Подвис живее во полураспадната куќа оштетена од поплавите. Власта се фали дека оштетите се исплатени, а јас не сум добил денар, вели Игор Талески.

Игор Талески има 38 години, петчлено семејство со 3 деца. Живее во селото Подвис, Општина Кривогаштани, со минимални 10.714 денари плата, како помошен работник во ресторанот од прилепската касарна. Но, овие пари, вели, не му се доволни за нормален живот на неговото семејство и за поправка на семејната куќа, којашто во јануари годинава била поплавена.

Разочаран сум од партијата бидејќи не можам да ги слушам оние лаги. Имам подадено барање за отштета, премиерот Никола Груевски, по телевизиите што слушам, вели дека е исплатено за пелагонискиот регион, поточно и Општина Кривогаштани, а немаме никакви средства добиено, значи тоа е лага.
Игор Талески, жител на село Подвис во Општина Кривогаштани.

„Куќата веќе ми е веќе во фаза на распаѓање, кога беа поплавите навлезе вода околу половина метар долу, ми помагаа мештаните за црпење, оттогаш веќе почна да се рони, паѓа“, вели Талески.

„За здравјето, пак, ептен, со страв живееме. И да падне сега снегот, многу со страв, оти ѕидовите сега попуштаат. Не дај боже, некоја вечер можеме да се најдеме и долу паднати со три деца“, се жали мајката Благородна Талеска.

Еден месец по поплавите, велат овие луѓе, екипа од Општина Кривогаштани извршила увид, констатирала штети, но оттогаш немаат информација кога и дали воопшто ќе добијат некои средства за отштета.

„Тука ми изгоре фрижидер, сè, зимници, грав имам 5-6 вреќи тука донесен за да го продавам. Не можам да ја проценам штетата, тие дојдоа проценија. Јас кога се обратив во Општината, кога прашав, ми рекоа дека од Владата нема пари, не можеме ништо да обештетиме“, вели таткото Игор Талески.

Овие луѓе живеат секој ден со страв дека куќата ќе им се распадне. Велат немаат друг излез, не знаат каде да одат и да бараат помош. Платата не е доволна за храна, книги, облека за децата, а не за поправки на куќата.

„Барам сега семејството да се згрижи некаде доколку е можно, да не падне куќата, а доколку може Владата на Република Македонија да ми помогне“, додава Игор Талески.

Тој е многу разочаран, особено затоа што во воениот конфликт во 2001 година бил во првите редови за одбрана на суверенитетот на државата, а денес никој не води сметка за неговото семејство. Вели, се чувствува и изневерен од ВМРО-ДПМНЕ како долгогодишен член.

„Разочаран сум од партијата бидејќи не можам да ги слушам оние лаги. Имам подадено барање за отштета, премиерот Никола Груевски, по телевизиите што слушам, вели дека е исплатено за пелагонискиот регион, поточно и Општина Кривогаштани, а немаме никакви средства добиено, значи тоа е лага“, вели револтиран Игор.

Општинската комисија извршила увид и извештајот е доставен до надлежните во Скопје, вели градоначалникот Тони Заткоски. Штетите за земјоделските култури се исплатени на сите земјоделци во Општина Кривогаштани, тврди тој. Дополнително се очекува да се изврши исплата на отштета за 60-ина семејства, кои пријавиле штети од поплавите годинава.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG