Достапни линкови

Прво се затвораат пропустите, па ќе се чисти и вегетацијата од Црна


Поради долгогодишната запуштеност, денес река Црна наликува на мочуриште. Бујна вегетација со високи треви, шамак од по два метри и врби го имаат обраснато речниот брег.

Со голема механизација и забрзано темпо се одвива акцијата за затворање на пропустите од заштитните насипи на реката Црна кои пролетва ги проби надојдената вода. Од вкупно четиринаесет пропусти во трите Општини Новаци, Могила и Прилеп досега се затворени половина. Градоначалникот на Општина Новаци, Лазар Котевски, кој ја води акцијата, вели дека забрзано работат за да не се случи оваа есен доколку паднат поголеми количини дожд да се повтори сликата од пролетните поплави.

Приоритетно ни е да ги затвориме пропустите за да не дојде некое лошо време, па да не снајдат некои катастрофи како што беше.
Лазар Котевски, градоначалник на Општина Новаци.

„Зависи од временските услови, ако е вакво времето мислам дека за кусо време ќе ја спроведеме акцијата. Приоритетно ни е да ги затвориме пропустите за да не дојде некое лошо време, па да не снајдат некои катастрофи како што беше“, вели Котевски.

Поплави во Пелагонија во февруари годинава.
Поплави во Пелагонија во февруари годинава.

Поради долгогодишната запуштеност, денес река Црна наликува на мочуриште. Бујна вегетација со високи треви, шамак од по два метри и врби го имаат обраснато речниот брег. Дрвја растат и на сред река, па на некои места Црна има ширина од еден метар. Вегетацијата и тињата придонесуваат протокот на вода да биде многу бавен, па изгледа како водата да стои. Но, при чистењето, надлежните велат дека приоритет се дава на затворањето на пропустите, по што ќе се чисти вегетацијата.

Ангажирана е голема механизација, камиони, багери со цел што поскоро да се заврши чистењето. Сега вршиме затворање на пропустите, а потоа одиме кон чистење на вегетацијата. Има голема вегетација, а приоритетно ќе ни биде да ги исчистиме дрвјата во коритото, пред сè врба и други растенија, а со чистење на шамакот и трската ќе продолжиме потаму.
Лазар Котевски, градоначалник на Општина Новаци.

„Ангажирана е голема механизација, камиони, багери со цел што поскоро да се заврши чистењето. Сега вршиме затворање на пропустите, а потоа одиме кон чистење на вегетацијата. Има голема вегетација, а приоритетно ќе ни биде да ги исчистиме дрвјата во коритото, пред сè врба и други растенија, а со чистење на шамакот и трската ќе продолжиме потаму“, вели Котевски.

Акцијата за чистење на Црна започна половина година по големите поплави во Пелагонија. Во текот на акцијата се појавија одредени проблеми. Пропадна еден од булдожерите на фирмата изведувач, а работниците во прилепско пак се соочија со недостиг на песок.

Планирано е чистење на 30 километри од речното корито за што државата обезбеди половина милион евра и 300 тони нафта од државните резерви. Пролета кога се излеаја Црна и каналите беа поплавени 17 илјади хектари обработливо земјиште, неколку населени места, при што штетата се искачи на 7 милиони евра. Државата досега им ги исплати штетите на 980 семејства од Пелагониско, а се очекува во следниот период обештетувањето да продолжи.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG