Достапни линкови

Коритото на Црна Река остана несанирано


Жителите во Општина Могила прашуваат зошто е повлечена механизацијата која требаше да го санира коритото на Црна Река по поплавите. Затоа што коритото не е санирано жителите повторно се соочија со поплави.

Зошто во изминатите месец дена не беа до крај санирани скинатите делови на Црна Река за да не дојде до нови поплави? Кој и зошто ја повлече механизацијата која почна да го крпи речното корито? Одговори на овие прашања бараат жителите на Општина Могила кои по втор пат за месец и половина се соочуваат со поплави. Црна Река деновиве се излеа на истите критични места како првиот пат, на точките каде пред неколку недели надлежните најавија дека започна санација.

Службата што беше ангажирана за тие работи дојдоа таму се сликаа, ставија десетина вреќи, другите кај Црна ги оставија така. Не го затворија системот. И првата вода што наиде по истата патека дојде до овде.
Миле Цветковски, жител на Општина Могила.

„Треба да се преземе нешто посериозно. Црна Река да се прошири дури од Бучин. Инаку ова што кажуваат проширување од Радобор до Новаци се само приказни. Таму каде што почнаа да санираат фрлиле неколку вреќи и не го затвориле коритото кај Тројкрсти и Тополчани. Тоа сето плива во вода. Луѓето не си ја бркаат работата. Службата што беше ангажирана за тие работи дојдоа таму се сликаа, ставија десетина вреќи, другите кај Црна ги оставија така. Не го затворија системот. И првата вода што наиде по истата патека дојде до овде“, изјави Миле Цветковски, жител на Општина Могила.

„Не плаши, реката не е санирана. Имаше денови по првата поплава, требаше да се санира. Можеби не може да се направи за неколку часа, но за една недела ќе се закрпеше коритото. Тоа може да се поправи, 40 метри во должина е скинат брегот на реката намерно, а не од ненамерен случај“, изјави Борче Милевски, жител на Општина Могила.

Јас на кризен штаб кажав дека тие критични места ако надојде водата пак ќе прелеат. Од кои причини не е санирано коритото не можам да одговорам. Во еден ден почна некоја санација, нешто да се прави таму, а следниот ден беа повлечени машините.
Стевче Пивковски, градоначалник на Могила.

„Најголемите поплави се случуваат во март и април кога се топи снегот. Мислам дека несериозно се сфати ситуацијата. По месец дена се повторува истиот бран. Ако се санираше коритото немаше сега да ја имаме оваа вода. И барем нешто од површините под лебно зрно ќе се спасеа“, изјави Зоран Кековски, жител на Општина Могила.

Градоначалникот на Могила, Стевче Пивковски вели дека само што почнала акција за санација на речното корито на 21 февруари, следниот ден запрела.

„Јас на кризен штаб кажав дека тие критични места ако надојде водата пак ќе прелеат. Од кои причини не е санирано коритото не можам да одговорам. Во еден ден почна некоја санација, нешто да се прави таму, а следниот ден беа повлечени машините. Не се направи нешто поконкретно за да се заштитиме. Не мораше многу да се прави само да се подигне коритото за половина до метар и немаше да ја имаме оваа вода повторно“, изјави Пиковски.

Досега ни една од државните и локалните служби вклучени во справувањето со поплавите немаат одговорено кој и зошто ја повлече механизацијата. Само заменик министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски најави дека штом се подобри времето санацијата ќе продолжи.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG