Достапни линкови

Проблемот со паркирање Охрид ќе го решава со четири катни гаражи


Зошто на Охрид му се потребни четири катни гаражи прашува опозицијата, ако се има предвид големината на градот и краткото траење на туристичката сезона.

Власта најави изградба на катна гаража во Охрид во првата половина на 2016 година. Ова беше едно од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ и во време пред локалните избори. Евентуалната изградба треба да го реши проблемот со недостатокот на паркинг места во градот, како и сообраќајниот хаос кој се создава во текот на летото.

Не ми е јасно четири катни гаражи кои се наоѓаат во непосредна близина во град во кој според колегата Јанев(Вмро Дпмне) има 30.000 жители и сезона која едвај трае 2,5 до 3 месеци.
Верица Хајба, советничка од НСДП.

„Се тоа зависи од експропријацијата и од обештетувањето на граѓаните кои таму имаат некој приватен имот таму и дооформувањето на таа парцела. Ќе имаме и јавна набавка и согласно законот има одреден број на денови што треба да се почека и ако се биде успешно јас се надевам дека во првата половина на 2016 година би отпочнале со градба. Јас се надевам дека овде нашата институција ќе остварува дополнителни приходи но она што е најважно, а тоа е решавање на хаосот на паркирање на овој потег“, рече Цветко Грозданов директор на ЈП за стопанисување со станбен простор.

Катната гаража предвидено е да се гради позади хотелот Ривиера. Грозданов најави можна изградба на уште една катна гаража, додека локалната власт во своите програми предвидува уште две катни гаражи.

Но на последната седница на градскиот совет опозицијата праша зошто на Охрид би му биле потребни четири катни гаражи.

„Не ми е јасно четири катни гаражи кои се наоѓаат во непосредна близина во град кој според колегата Јанев(ВМРО-ДПМНЕ) има 30.000 жители и сезона која едвај трае 2,5 до 3 месеци, четири катни гаражи како ќе функционираат економски е прашање кое сите ние треба да си го поставиме, ако знаеме дека Белград со 2 милиони жители има на цела територија осум катни гаражи. Моето прашање до градоначалникот е ако веќе се планира да се гради катна гаража конкретно просторот просторот кој се наоѓа кај Горна порта и пазарот сака да ги даде на приватен партнер. Кога доаѓавте на власт вие ветивте на градот дека како локална самоуправа ќе градите капитални објекти, меѓутоа јавното приватно партнерство го избирате како омилен начин за градење“, рече Верица Хајба советничка од НСДП.

Градоначалникот Никола Бакрачески вели дека сите опции за изградба на катните каражи биле во тек.

„Разговараме отворено со граѓаните овде на совет за она што планираме да го работиме, било да се работи за јавно приватно партнерство, продажба на земјиште, сопствена инвестиција на локалната самоуправа или било кој друг начин на финансирање на проекти кои се од суштинско значење за Охрид. За Охрид е помалку важно во однос на она кој ќе биде финансиер на добро кое што е потреба на граѓаните на Охрид. Јас најмногу би бил среќен Охрид да беше богата општина и да финансираме капитални проекти од сопствени средства“, рече Бакрачески.

XS
SM
MD
LG