Достапни линкови

Летен сообраќаен режим во Охрид


Во центарот на Охрид е забранет сообраќај, исто како и во стариот дел на градот. Кејот Македонија покрај Охридското Езеро е претворен во пешачка зона, како и патеката од Центарот за обука на вода до Горица. Летниот режим ќе трае од 1 јули до 31 август.

Од први јули во Охрид стартуваше летниот режим на сообраќај, кој ќе биде на сила до крајот на летната сезона, односно до 31 август. Со истиот во центарот на Охрид е забранет сообраќај, исто како и во стариот дел на градот. Кејот Македонија покрај Охридското Езеро е претворен во пешачка зона, како и патеката од Центарот за обука на вода до Горица. Во овој период неколку охридски улици ќе бидат еднонасочни.

По 20 часот стариот дел на градот и улиците кои гравитираат околу плоштадот ќе бидат целосно затворени за сообраќај. Во текот на денот ќе може да се врши достава, освен по Кеј Македонија, кој ќе биде затворен за сообраќај согласно летниот режим од 1 јули до 31 август.
Љупчо Танески, Секторот за комунални дејности во Општина Охрид.

„По 20 часот стариот дел на градот и улиците кои гравитираат околу плоштадот ќе бидат целосно затворени за сообраќај. Во текот на денот ќе може да се врши достава, освен по Кеј Македонија, кој ќе биде затворен за сообраќај согласно летниот режим од 1 јули до 31 август“, рече Љупчо Танески од секторот за комунални дејности во Општина Охрид.

Танески вели дека овој летен режим на сообраќај бил во околу 80 отсто ист како оној од минатата година.

„Оние улици кои се определени како еднонасочни или улици кои се определени како улици од затворен тип и улици кои се определени на кои ќе се наплаќа паркирањето останува со една напомена дека дел од овој летен режим на сообраќај предвидува определен број на нови улици на кои ќе се врши паркирање по пат на наплата за што е одговорно Јавното претпријатие Биљанини Извори“, рече Танески.

Оваа сезона во Охрид бројот на паркинг места е 976 што според граѓаните е недоволно за туристички центар како Охрид, особено во период на главниот шпиц на туристичката сезона.

Дел од советниците во градскиот совет сметаат дека одлуката за летен режим на сообраќај изминатите години не се почитувала во целост.

„И поради тоа ни се случува во екот на туристичката сезона во Охрид да имаме сообраќаен хаос, зашто оправдано трпиме критики како од туристите кои го посетуваат Охрид така и од жителите на самиот град. Веќе летниот режим на сообраќај почна да функционира од први јули, меѓутоа на лице место може да се види одредено не почитување. Сè уште движат возила онаму каде што е забрането за движење. При носењето на оваа одлука не се води сметка и за урбаната опрема која се поставува во градот Охрид што дополнително претставува проблем за учесниците во сообраќајот. Одлуката највеќе не се почитува на влезот од стариот дел на Охрид и на потегот од Куба Либре до Горица,“ рече Верица Хајба, советник од НСДП.

XS
SM
MD
LG