Достапни линкови

На Охрид му треба затворен пазар, но и вработувања


Локалните власти одлучија во Охрид да се гради затворен пазар. Опозицијата, пак, смета дека од тој проект добивка ќе има само приватниот партнер.

Во Охрид ќе започне да се гради затворен зелен пазар, проект кој се најавува долго време. Советниците од власта без гласовите на локалната опозиција неодамна донесоа одлука за реализација на истиот по пат на јавно приватно партнерство. Опозицијата смета дека условите под кои ќе се гради пазарот не се на страната на општината и дека од тоа добивка ќе има само приватниот партнер.

Што се однесува до затворениот пазар, навистина е потребно, но не толку исконски колку што треба да се работи да се отворат работни места.
Жаклина Лазареска, советничка од СДСМ.

Жаклина Лазареска советничка од СДСМ вели дека биле за модернизација на Охрид и отварање на нови работни места, но оти општината и граѓаните не треба од ништо да излезат како губитници.

„Што се однесува до затворениот пазар, навистина е потребно, но не толку исконски колку што треба да се работи да се отворат работни места. Точно за тие што кажувате за младите што одат и си ја бараат среќата надвор од Охрид. Прво направете услови младите да работат бидејќи во затворениот пазар нема да работат инженери по информатика, електро инженери“, рече Лазареска.

Илустрација.
Илустрација.

Лазареска рече дека куповната моќ на охриѓани била многу мала, а како податок наведе дека неколку дуќани во охридската чаршија биле затворено или се издавале под кирија.

Голем дел од вас беа скептици околу реализацијата на затворениот пазар. Не само тоа Охрид добива еден репрезентативен и препознатлив објект на местото од една грда слика.
Илија Арнаудоски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Илија Арнаудоски советник од ВМРО-ДПМНЕ рече дека со ова партијата која била на власт исполнила уште едно свое ветување кое го дале пред охриѓани.

„Голем дел од вас беа скептици околу реализацијата на затворениот пазар. Не само тоа Охрид добива еден репрезентативен и препознатлив објект на местото од една грда слика. Иако можеби отстапивме неколку месеци од рокот кој сами си го дадовме, но тоа не е поради наша вина. Тоа е поради тоа што состојбата која ја затекнавме кога ја презедовме власта беше хаотична. Со долг кој не се памети во понова историја на еден град и со измешани имотно правни односи“, рече Арнаудоски.

Пазарот ќе се гради по два неуспешни огласи за избор за приватен партнер. Објектот ќе биде на четири нивоа. Во подрумскиот дел ќе има 100 паркинг места, на приземјето ќе биде сместен затворениот пазар.

Пазарџиите кои работат во сегашниот пазар велат дека на Охрид му е потребен современ пазар, но со препорачуваат да се внимава при договарањето на условите кои ќе им бидат поставени во иднина.

„Би требало да има посовремен пазар, почист, поубав пазар за изглед. Условите и сега не се лоши, но може да бидат и подобри“, вели една охриѓанка.

„Добро е да има нов пазар. Да се заврши навреме работата и важно е за нас каде ќе ни дадат локација. Треба да го направат да биде добро, а не да се почне и да не се заврши. Ако се повисоки цените на тезгите не знам кој како ќе опстане. Некои ќе си одат, ако го направат тоа ќе нема леб за нас“, вели еден пазарџија.

XS
SM
MD
LG