„Не сакам да живеам во свет на поделби, на нетолеранција, посакувам да ми бидеш пријател со кој ќе се радувам на животот, со кој ќе другарувам и соработувам. Затоа ја подавам раката кон таква иднина. Подај рака и ти, да ги сплотиме за подобро утре. Ние имаме толку заеднички теми за разговор. Да ги здружиме силите. Така сме посилни и заедно да зачекориме, здружено рака за рака“, се главно пораките од основците од кумановското „Христијан Тодоровски Карпош“, на македонски и од липковското Опае „7 Март“, на албански јазик, до политичарите и возрасните. Тие заедно со своите наставници го реализирале проектот за соживот и меѓуетничка толеранција, „За заедничка и среќна иднина“ поддржан од УСАИД и Министерството за образование и наука.
Возрасните се виновни, децата не се никогаш. Децата се дружат, не сме имале ниту еден проблем до сега со децата,бидејќи првпат се сретнуваат. Ако продолжи комуникацијата меѓу нив мислам дека и јазикот ќе се совлада.Абдула Саќипи, директор на училиштето „7 Март“ од Опае.
„Имавме спортски активности, прошетка кај Липковската брана, кај Фабриката за филтрирање на водата, цртежи кои ги поддржуваат идеите и темите и една драмска претстава „Снежана со седумте џуџиња“ на англиски јазик“, вели наставникот Бесник Ибраими и додава дека се надева дека овие деца ќе продолжат комуникација која ќе прерасне во пријателство, со поддршка од родителите и наставниците.
„Во иднина јас сакам и се надевам дека ќе биде така“, вели тој.
Ученичката Аљина од Опае вели дека дружењето било убаво и дека се разбираат со учениците од Куманово.
Деветтоодделенките Ања и Анастасија од Куманово додаваат дека им било многу интересно.
„Заедно се договоривме за изложбата, заедно ја избравме локацијата,ги направивме рамките“, вели Ања.
„Си ги разменивме веќе и телефонските броеви за да можеме понатаму да контактираме“, вели Анастасија.
Лидија Костиќ директорка на „Христијан Тодоровски Карпош“ раскажува дека уште од првата средба соработката започнала во пријатен амбиент и дека така е и завршен. Таа, како и директорот Абдула Саќипи од „7 Март“, сметаат дека ќе продолжат со комуникација не само за проекти, туку и за размена на мислења и помош во надминување на проблемите.
„Децата имаа прекрасна соработка. И дружење и сликање и комуникација на фејсбук, одеа на Липковската брана и на Кејот кај нас. Децата се прекрасни, чиста душа. Без никакви предрасуди, без негативности. Напротив, беа позитивни,расположени“, вели Костиќ.
„Возрасните се виновни, децата не се никогаш. Децата се дружат, не сме имале ниту еден проблем до сега со децата,бидејќи првпат се сретнуваат. Ако продолжи комуникацијата меѓу нив мислам дека и јазикот ќе се совлада“, вели Саќипи.
Според Костиќ и Саќипи на децата само треба да им се покаже правилната насока по која треба да чекорат. Овие деца тоа го покажале и можат да служат за пример и на останатите нивни врсници и на возрасните.
„Треба да продолжи и понатаму, иако овој проект е кон крај, ние ќе продолжиме и понатаму, оти за тоа има добра основа.“
Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образование со сите средни и основни училишта во државата го спроведува Македонскиот центар за граѓанско образование во партнерство со Министерството за образование и наука. При тоа 85 насто од наставниците биле обучени за работа со ученици од различни наставни јазици.
„Се работи на поттикнување на соработка на повеќејазични училишта,како и поттикнување на соработката помеѓу училишта со еднојазична настава, каде што две училишта со различни наставни јазици воспоставуваат партнерства и реализираат наставни и вон наставни активности со овие ученици“, вели Ана Пискачева помлад координатор за училишни грантови во УСАИД. Таа додава дека се задоволни од реализација на проектот,а крајната цел е поттикнување комуникација, меѓуетничка толеранција и соработка помеѓу учениците.
„Да израснеме генерации кои ќе знаат да живеат во едно мултикултурно општество, да се почитуваат и да соработуваат меѓу себе.“
Проектот е финансиран од фондот за малите грантови, а поддржан е со 23 илјади денари. УСАИД исто така финансира и реновирање на училишта во државава, така што според Пискачева не е исклучена можноста ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“, да ја обнови старата фасада и столаријата.