Достапни линкови

Меѓуетничка интеграција во основните училишта


Учениците и наставниците од основните училишта Живко Чинго од охридското село Велгошти и Фаик Коница селото Доброште од тетовско Теарце се сретнаа во рамки на проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција.

Подобро е на децата од различните етнички заедници да им дадеме можност за дружење и љубов, отколку во нив да всадиме ѕидови и непријателство. Оваа порака беше испратена од средбата меѓу учениците и наставниците од основните училишта Живко Чинго од охридското село Велгошти и Фаик Коница селото Доброште од тетовско Теарце.

Ние сме мала држава Македонија. Можеме да живееме заедно бидејќи гледаме колку се топли односите помеѓу двата ентитети. И натаму може да се живее многу убаво. Наместо да им даваме на децата ѕидови и непријателство подобро е да им дадеме дружење и љубов.
Ѓоко Чингов, директор на училиштето Живко Чинго од Велгошти.

Во рамките на проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција, училиштата формираа партнерства коишто ќе им овозможат да организираат заеднички активности и да создадат услови учениците да развиваат нови идеи и иницијативи за зајакнување на меѓуетничката соработка. Директорите и на двете училишта очекуваат проектот успешно да се спроведува и во иднина, а пријателството меѓу учениците да не застане овде.

„Ние сме мала држава Македонија. Можеме да живееме заедно бидејќи гледаме колку се топли односите помеѓу двата ентитети. И натаму може да се живее многу убаво. Наместо да им даваме на децата ѕидови и непријателство подобро е да им дадеме дружење и љубов“, рече Ѓоко Чингов, директор на училиштето Живко Чинго.

„На ниво на држава другите училишта од другите општини нека нè земат за пример како може да се соработува“, рече Реџеп Дути, директор на училиштето Фаик Коница.

Заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев, вели дека ваква соработка треба да има и со други училишта во државата. Неговиот колега, градоначалникот на Теарце, Исен Хасани, вели дека е неопходно да се имплементираат проекти од ваков карактер.

„Ваквите соработки се соработки секогаш во насока на една подобра и поубава комуникација. Теарце и Охрид се општини кои можат да понудат многу во делот на туризмот и образовната соработка“, рече Јанев.

„Овој настан е многу важен настан и за двете страни бидејќи ќе се разменат идеи, ќе се направат компарации и во корелација помеѓу двете страни ќе продолжат да соработуваат за подобро утре“, рече Хасани.

Целта на проектот кој се спроведува и во други училишта е да се внесат меѓуетнички содржини во образованието, рече Ана Пискачева, помлад координатор во УСАИД.

„Ова што се случува е навистина за восхит. Не само што имаме училишта кои соработуваат, туку имаме и училишта кои ја подигнаа соработката на едно повисоко ниво на општинско ниво“, рече Пискачева.

Соработката меѓу училиштата веќе се преслика и на ниво на општински власти меѓу кои е договорена соработка и размена на искуства во различни сфери меѓу Охрид и Теарце.

XS
SM
MD
LG