Неколку часови претходно Енес Омерагиќ во една обложувалница, пукајќи од автоматско оружје убил двајца припадници на Оружените сили на Босна и Херцеговина и ранил уште еден војник, како и жената која работела во обложувалницата.
Потоа тој стрелал воавтобус на градскиот превоз при што го ранил шоферот, додека двајца патници добиле полесни повреди од скршените стакла на автобусот. Според некои наводи, тој всушност стрелал врз друг војник кој бил во близина на автобусот.
Сараевските медиуми го идентификуваат напаѓачот како селафист, односно припадник на ултра конзервативната исламистичка идеологија која повикува на џихад во светот. Медиумите наведуваат и тоа дека неколку блиски негови роднини биле во Сирија, но не и тој самиот.
Пукање во припадници на Оружените сили на Босна и Херцеговина е всушност пукање во државата и тоа никој не може да го прави. Тоа ќе биде санкционирано.Денис Звиздиќ, премиер на Босна и Херцеговина.
„Доколку се потврди дека станува збор за тероризам, а постои таква можност, тогаш е во прашање безбедноста на граѓаните и мораме да дејствуваме брзо и ефикасно “, изјави министерот за безбедност на Босна и Херцеговина Драган Мектиќ.
Убиените војници во обложувалницата Армин Салкиќ и Недељко Радиќ биле возачи во баталјонот на Воената полиција на Бригадата за тактичка поддршка.
„Пукање во припадници на Оружените сили на Босна и Херцеговина е всушност пукање во државата и тоа никој не може да го прави. Тоа ќе биде санкционирано во наредниот период и никому нема да му биде дозволено да пука во униформирани лица“, изјави премиерот на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ, по итната седница на владата во Сараево.
Тој додаде дека безбедноста ќе биде зголемена на највисоко ниво. Министерот за одбрана Емир Суљагиќ оцени дека тоа е трагичен настан за цела Босна и Херцеговина.
„Немавме ниту една жртва во мировните операции во светот и затоа е пострашно што војниците се убиени во својата земја“, рече тој.
Десетици муслимани од Босна и Херцеговина, Косово и другите балкански земји им се приклучиле на милитантите на Исламската држава во изминатиов период.
Неколкумина од нив неодамна беа уапсени по нивното враќање од Сирија и Ирак. Тоа ја зголеми загриженоста дека радикалните исламисти би можело да преземаат терористички напади во земјите од поранешна Југославија.
Пред извесно време исто така едно вооружено лице отвори оган врз полициска станица во Зворник, град во источниот дел на Босна и Херцеговина при што уби еден и рани двајца полицајци по што беше убиен.
Локалните власти наведоа дека при влегувањето во полициската станица тој извикувал „Алаху Акбар“ и оти тој бил поврзан со исламски екстремисти.