Достапни линкови

Политиката поинтересна од чистиот воздух


Многу повеќе коментари на нашата интернет страница има за политичките теми, отколку за оние за загаденоста.

Како граѓани на оваа држава изгледа најмногу сме заинтересирани за политиката и политичките случувања во државава, а она што ни ги труе телата или прекумерната загаденост на животната околина, на воздухот првенствено, што го предизвикуваат, покрај другото и неколкуте фабрики е во втор план.

зошто за некои не важи Законот за еколошки дозволи и дали државата има двојни аршини за различни фирми.
Коментар на читател.

Неколку коментари испратиле нашите слушатели и читатели за загадувањето што го прави РЕК Битола - и толку. Незабеган забележува дека Владата ригидно законски работи со Југохром од Јегуновце, а релаксирано преку дополнителни неколкугодишни рокови за РЕК Битола. „Е, па, батка, ова ти се вика селективна партиска правда на ДРПМНЕ-јците!“ - напишал Незабеган. Соња и Милена прашуваат зошто за некои не важи Законот за еколошки дозволи и дали државата има двојни аршини за различни фирми.

Многу повеќе коментари, на пример, има по неделното интервју за РСЕ на британскиот амбасадор во земјава, Чарлс Гарет, кој покрај другото посочува дека има многу работа за да се одржат кредибилни избори во април. Миле од Охрид настапува со своите познати тези дека, „амбасадорите и олеснувачите од самопрогласената меѓународна заедница успеаја во РМ да ја укинат парламентарната демократија, судската власт, а во извршната власт насилно да октроираат свои колаборационисти“. Ситизен од Скопје го прашува: „Абе, Миле од Охрид, ова ли штапско писулче ти го дадоа па го лепиш насекаде по различните наслови?“ За Пиле, коментарите на Миле се „филозофско-фрустрирачки“. Но и некој Горан, исто така од Охрид, е на истата линија со Миле: „Кредибилни избори како шкотскиот референдум!? Слепец ни продава наочари!“

Ситизен повторно му реплицира на Миле и по текстот за специјалната јавна обвинителка. Имено, му препорачува тоа што го напишал против странските политичари и дипломати, дека ќе ни ги одземеле идентитетот и државата, да го испрати на друга адреса и „сè ќе биде океј“, вели. Инаку Ситизен смета дека работата на Јанева ќе биде попречувана со сопки и дека има „многу метастази во овој канцер во вид на мафија и организиран криминал“.

Повикувањето на Груевски на народот, дека тој ќе дадел одговор на изборите во април, предизвикува уште коментари. Потпишан со Граѓанин од Скопје кратко и јасно напишал: „Не се повикувај на народот, барем не на мене, бидејќи ја сметам твојата политика за штетна за земјата која подеднакво ми припаѓа“. Незабеган коментирал и тука: „Груевски може да го чека само Идризово!“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG