Достапни линкови

Кампањски активности не го решаваат загадувањето


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Стана традиција во земјава одговорните за обезбедување на здрава животна средина да излегуваат со мерки само во деновите кога се шират вестите дека Скопје и Тетово се најзагадени градови во Европа и во светот.

Високиот број на смртни случаи и на луѓе кои страдаат од болести кои директно се поврзуваат со загадениот воздух и натаму не го менуваат игнорантскиот однос на властите во Македонија кон ваквите загуби и кон целосното спроведување на законите за спречување или за намалување на најсмртоносниот еколошки проблем – аерозагадувањето.

Она што треба да им биде јасно на градските власти е дека користењето на калциум магнезиум ацетат, сам по себе нема да го реши проблемот.
Ана Чоловиќ-Лешоска. еколошка организација „Еко-свест“.

Стана традиција во земјава одговорните за обезбедување на здрава животна средина да излегуваат со мерки само во деновите кога се шират вестите дека Скопје и Тетово се најзагадени градови во Европа и во светот. Јавноста, пак, го вклучува црвеното светло на алармот само кога концентрациите се екстремно високи, иако бројките покажуваат дека досега во 2015 година во некои делови на Скопје дневни надминувања имало повеќе од 130 денови, во Тетово дури 292 денови со концентрации над дозволените граници, а максималниот дозволен број е 35.

Каков ефект ќе има од прскањето на дел од улиците на Скопје со калциум магнезиум ацетат, мерка која деновиве ја промовираше градоначалникот Коце Трајановски, против големите загадувачи како сообраќајот, индустриските и енергетските компании, урбанизацијата, домаќинствата, депониите?

„Она што треба да им биде јасно на градските власти е дека користењето на калциум магнезиум ацетат, сам по себе нема да го реши проблемот. Студиите на случајот од Лондон, каде што се користеше ова средство, покажуваат дека може да очекуваме намалување на честичките на прашина со големина од 10 микрони, односно ПМ10 честичките, од 14 до 30 проценти во најголема рака. Она што треба да биде јасно е дека ова средство треба да се комбинира со другите мерки за намалување на загадувањето“, вели Ана Чоловиќ-Лешоска од еколошката организација „Еко-свест“.

Таа додава дека освен прскањето, властите мора да спроведат ригорозна инспекција на малите индустриски капацитети кои оперираат со Б-интегрирани дозволи издадени од општините, да спроведат мерки околу градежните активности во Скопје и да го регулираат и елиминира сообраќајот во централното градско подрачје.

Граѓаните коишто ги анкетиравме во нашата рубрика Хајд Парк велат дека прскањето на улиците е само една од мерките кои властите треба да ги преземат.

Хајд Парк: Прскање улици против загаденоста на воздухот?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:23 0:00

„Прскањето на улиците е само едно делче за решавање на проблемот. Така што не е само тоа и потребни се уште многу други работи.“

„За мене ова е ново. Не го знам искуството во другите држави и би сакала да причекам и да слушнам мислењето на експертите.“

„Воопшто во тоа не верувам. Еве сабајле ни кажуваат колку е загаден воздухот. Значи вчера почнала некоја акција и нема некои резултати и не верувам во таква работа“, велат анкетираните граѓани.

Светската банка во својата студија објавена пред неколку години, направи проценка дека загадениот воздух во Македонија предизвикува загуби од 253 милиони евра годишно, како резултат на високиот број случаи на прерана смрт, трошоци во здравството, намалената продуктивност на населението, отсуството од работните места на граѓаните. Тоа значи дека за 10 години државата претрпела штети кои достигнуваат милијарди евра.

Дали со овие средства градот можеше да ја реализира изградбата на трамвајот, проект вреден 243 милиони евра? Градот Скопје не успеа да ги реализира ниту мерките за затворање на сообраќајот на ул. „Димитрие Чуповски“, во најстрогиот центар на градот и во пошироката зона околу Старата скопска чаршија, предвидени во скопската Студија за сообраќајниот систем, мерки кои би можеле делумно да ја подобрат состојбата.

Светската банка процени дека загадениот воздух во Македонија убива по 1.350 луѓе годишно. Податоците на Институтот за јавно здравје во изминативе години покажуваат дека 40 проценти од луѓето во амбулантите се лекувале од воспаленија на дишните патишта, од оштетувања и канцер на белите дробови, од кашлици, нерегуларно дишење, астма, нарушена работа на срцето, а дополнително загрижувачки е податокот што 55 отсто од децата до шестгодишна возраст страдале од болести на белите дробови и на дишните патишта.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG