Докторите од струшката општа болница бараат поголема безбедност на своите работни места. Револтирани се од последните случувања на Клиничкиот центар во Скопје и нападот врз нивниот колега хирург. Доктор Мирко Лекоски, хирург на хируршкото одделение во болницата во Струга, вели дека е неопходно 24-часовно обезбедување на сите оддели.
Во понеделникот влезе во амбулантата и не нè оставаше да работиме, не сакаше да ја напушти амбулантата. Пациентите се напуштија, не можевме да ги прегледаме, бидејќи тој беше агресивен и вулгарен, како кон нас вработените, така и кон пациентите кои беа на преглед.Мирко Лекоски, хирург на хируршкото одделение во болницата во Струга.
„Во нашата болница, а како што гледам, веројатно и во сите болници во Македонија, не е направен план да се обезбедат вработените кои работат тука и често пати доаѓаме во конфликт со одредени пациенти кои што се несовесни. Не може да генерализираме, бидејќи имаме пациенти кои се многу разбрани. Јас ќе кажам дека има и здравствени работници кои се несовесни. Нема никакво обезбедување во болницата и треба нешто да се преземе“, вели Лекоски.
Тој посочува дека минатата недела и кај нив имало инцидент со пациент, па морала да реагира и полицијата.
„Во понеделникот влезе во амбулантата и не нè оставаше да работиме, не сакаше да ја напушти амбулантата. Пациентите се напуштија, не можевме да ги прегледаме, бидејќи тој беше агресивен и вулгарен, како кон нас вработените, така и кон пациентите кои беа на преглед. Навистина треба да се најде некое решение како би биле безбедни и ние како вработени и самите пациенти“, рече Лекоски.
Струшките доктори во знак на поддршка на своите колеги од Скопје одржаа полчасовен собир во знак на солидарност кон нивниот колега Љубомир Огненовиќ од Клиниката за дигестивна хирургија, но истовремено сакале да го изразат и нивниот, како што велат, револт од понижувачкиот статус на докторите и останатите здравствени работници.
Доктор Горан Беговиќ, претседател на Самостојниот синдикат на клинички центар, рече дека нивните барања се заедно со Министерството за здравство да донесат квалитетен систем за заштита на достоинството и угледот на здравствените работници и соработници. Да се обезбеди квалитетна и професионална заштита на здравствениот работник, но и да бидат рамноправен партнер во изготвување на нова законска регулатива од почетната фаза.
„Да донесе закон за сестринска и акушерска дејност во кој ќе бидат опфатени и сестрите со средна стручна спрема и долго работно искуство. Бенефициран работен стаж за оние профили на кои им следува. Дополнителна работа без никакви условувања. Законот за докторска дејност кој се изготвува во Лекарската комора да донесе достоинствена минимална плата за докторите“, рече Беговиќ.