Достапни линкови

Филтри во РЕК и еколошка дозвола дури за три-четири години


Битолскиот комбинат има рок до 2019 година за еколошки дозволи и рок за поставување на филтрите до 2018 година, велат од Министерството за животна средина.

РЕК „Битола“ еден од поголемите индустриски загадувачи во земјава дури во 2018 година ќе стави филтри на оџаците, а рокот за добивање на интегрирана еколошка дозвола му е пролонгиран до 2019- та. Ова го откри Беса Татеши, советник во Министерството за животна средина на трибината „Здрава животна средина, основно човеково право“ што деновиве се одржа во Битола.

Дека РЕК „Битола“ загадува тоа никој не го крие. Податоците на нашата веб страна за тоа колку загадува во воздухот и почвата се транспарентни.
Беса Татеши, советник во Министерството за животна средина.

„Дека РЕК „Битола“ загадува тоа никој не го крие. Податоците на нашата веб страна за тоа колку загадува во воздухот и почвата се транспарентни. Јас ја работам дозволата за РЕК. Во самата апликација се наоѓаат сите релевантни податоци во однос на тој капацитет колку загадува, колку е над дозволеното, опишани се и сет активности кои треба да ги преземе за да се редуцираат сите емисии кои се над дозволеното“, изјави Татеши.

При работниот процес РЕК испушта јаглеродни и сулфурни оксиди, како и прашина. Со донесувањето на Законот за интегрирано спречување и контрола на загадувањето кој стапи во сила од 2006 гподина, компаниите мораа да аплицираат за еколошки дозволи до 2008 година. Рокот да се усогласат со европските регулативи во испуштањето на загадувачки материи истече лани. РЕК е меѓу комбинатите кои добија пролонгирање на рокот. За пролонгирањето одлучуваше Владата и надлежните министерства.

„Овој рок не е без лимит и е до 2019 година. Тој циклус на првите еколошки дозволи завршува во 2019 година. Не е лесен процес за држава како нашата во развој. И да, поставување на филтрите е дел од оперативниот план и да, РЕК „Битола“ доби пролонгирање до 2018 година за да ги постави“, рече Тетеши.

Досега комбинатот со соопштенија во јавноста во повеќе наврати тврдеше дека загадувањето што го предизвикува во животната средина е во границите на нормалата.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG