Достапни линкови

Каков воздух дишеа битолчани летово?


Архивска фотографија - Протест против загадувањето во Битола.
Архивска фотографија - Протест против загадувањето во Битола.

Општина Битола вели дека во воздухот нема загадување. Здружението „За нас се работи“ повикувајќи се на податоци од официјалната страница на Министерството за животна средина летово алармираше на енормно загадување на воздухот.

Веќе сме есен, а во Битола се отвори темата каков воздух дишеа битолчани во летниот период. Од Општина Битола излегоа со податоци од мерење што го изврши акредитирана лабораторија „Еуромак контрол“ по најсовремени методи, дека во воздухот нема загадување со суспендирани честички ПМ 10 поголемо од дозволеното.

Воздухот кој го дишеме е нормален и нема наминување на максимално дозволеното загадување.
Владимир Талески, градоначалник на Битола.

Наспроти ова, Здружението „За нас се работи“ повикувајќи се на податоци од официјалната страница на Министерството за животна средина летово алармираше на енормно загадување на воздухот. Сосема различни податоци за последнователни периоди, поточно резултатите од општината се однесуваа од 15 до 28 јули, а на здружението по први август.

„Воздухот кој го дишеме е нормален и нема наминување на максимално дозволеното загадување. Охрабрувачки се резултатите за летниот период бидејќи во изминатиот период се шпекулираше во јавноста со многу податоци, а штом е шпекулација тоа не е вистина. Тоа некако беше храна за голем дел од оние кои тоа го сакаа и го пласираа во јавноста. Воздухот во Битола не е многу поинаков од воздухот во целиот регион“, изјави градоначалникот Владимир Талески.

На трети август пак, Горан Пинза од Здружението „За нас се работи“ изјави дека на официјалната страница на Министерството за животна средина се презентирани податоци за присуство на ПМ10 честички до 1.000 микрограми, а дозволено е до 50.

„Алармантни податоци се појавија на страната на Министерството за животна средина кои покажуваат фрапантни бројки за загадување 20 пати над дозволената граница, што за овој период е необјасниво. Тоа се повторува веќе неколку години и тоа во период кога преку лето кога Битола е полупразна и поголемиот број од нашите сограѓани се на одмор или упатени на излетнички места, нема многу сообраќај, нема греење, освен ако некој не се грее на плус 45 стапени“, рече Пинза.

Запрашан од новинарите во кои резултати да веруваат битолчани, Талески одговори:

„Вие верувајте во што сакате, изборот е ваш, дали ќе верувате во она што го добивме од стручните лица, тоа е ваша работа. Како коректни новинари треба да го презентирате она што е стручно издржано од луѓе кои имаат ингеренции. Што се однесува до мерните станици не сум многу сигурен дека е така како што прашавте, зашто изминатиот период кога ги добивавме резултатите од Министерството на дневна основа резултатите, такво нешто не постоеше“, рече Талески.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG