Растечкиот број на возила во Македонија е еден од главните предизвикувачи на аерозагадувањето, истакна Славица Переска, претседател на мрежата на инспектори за сообраќај при ЗЕЛС. На неодамна одржаната трибина во организација на здружението„За нас се работи“ во Битола, беа презентирани податоци дека во земјава од транспортните сретства најголеми загадувачи се патничките возила кои ги има десет пати во поголем број од товарните.
Најголем број на регистрирани моторни возила е бројот на патничките автомобили. Бројките се со енормна разлика. Патнички автомобили регистрирани во 2013 година имаме 346. 798, додека товарни возила 30.167.Славица Переска, претседател на мрежата на инспектори за сообраќај при ЗЕЛС.
„Најголем број на регистрирани моторни возила е бројот на патничките автомобили. Бројките се со енормна разлика. Патнички автомобили регистрирани во 2013 година имаме 346. 798, додека товарни возила 30.167“, рече Переска.
Најбројни се автомобилите постари од десет години, а во земјава увезени се и многу половни возила по владината мерка за увоз на веќе користени автомобили.
„На годишно ниво, нови возила до две години имаме регистрирано само 1,7 проценти. До пет години имаме регистрирано 5,8 проценти. До десет години старосен век на возилата имаме регистрирано 17,3 проценти, додека останатите, односно 75,2 проценти се возила со старост над десет години. Кај нив нема некои стандарди за испуштање на издувните гасови во воздухот и придонесуваат најмногу во загадувањето“, додава Переска.
Штетените издувни гасови формираат хемиски смог и кисели дождови.
„Јаглероден моноксид се појавува од возилата кои имаат бензиски мотор со систем за запалување со свеќички. Во урбаните средини загадувањето на воздухот со јаглероден моноксид може да надмине и 90 проценти. Содржината на азотните оксиди изнесува околу 7 проценти од вкупната емисија на издувните гасови во воздухот и предизвикува формирање на смог во поголемите урбани средини и кисели дождови. Јаглеводородите формираат хемиски смог кој се јавува во урбани средини со поголем процент на урбанизација“, додава Переска.
За македонските градови се уште нема прецизни податоци колку задувачки материи возилата испуштаат дневно во воздухот. Но пресметано е дека во Париз два милиони возила дневно воздухот го загадуваат со 2.000 тони загадувачки материи, а во Лос Анџелес 4,5 илјади возила испуштаат 2.000 тони јагленоводород, 1.000 тони азотни оксиди и 1.500 тони јаглеродмоноксид.