Достапни линкови

Битола полупразна, а воздухот загаден


Битола, Широк Сокак.
Битола, Широк Сокак.

Сообраќајот во градот е намален поради годишните одмори, а летно време нема загадување поради затоплување. Сепак, загаденоста на воздухот е 10 до 20 пати поголема од дозволеното.

Три години со ред мерните станици во август покажуваат алармантно загадување на воздухот во Битола со суспендирани честички ПМ 10 кои предизвикуваат респираторни заболувања. Еколошките здруженија се изненадени од повторувањето на високите вредности над нормалата во период кога е намален сообраќајот во градот поради годишните одмори и нема греење.

Алармантните податоци кои се појавија на страната на Министерството за животна средина и покажуваат фрапантни бројки на присуство на загадување 20 пати повеќе од дозволеното што за овој период е необјасниво.
Горан Пинза, здружение „За нас се работи“.

„Алармантните податоци кои се појавија на страната на Министерството за животна средина и покажуваат фрапантни бројки на присуство на загадување 20 пати повеќе од дозволеното што за овој период е необјасниво. Тоа се повторува веќе неколку години, а не само оваа. Токму во август Битола е полупразна, бидејќи голем број од нашите сограѓани се на одмор, на излетнички места, нема сообраќај, никој не се грее, освен ако некој се грее на плус 40 степени“, вели Горан Пинза од здружението „За нас се работи“.

Горан Пинза, еколошки активист од Битола.
Горан Пинза, еколошки активист од Битола.

Според податоците од веб страницата на ресорното министерство, мерната станица Битола 1 високи вредности на ситна прашина измерила на први август до 500 микрограми, на втори и трети - 750, четврти и петти до 1000, седми и осми до 400. Мерната станица Битола 2, која е во центарот на градот, измерила присуство на ПМ 10 честички дури до 900 микрограми на 16 август. Дозволената граница на присуство на овие честички во воздухот е до 50 микрограми.

Уште еднаш да апелираме и да ги потсетиме надлежните дека што поскоро треба да преземат мерки за кои ние веќе десетина месеци алармираме. Доколку нешто не се преземе и тие бројки не бидат вратени во нормалата, ќе мора да преземеме порадикални мерки, нешто кое не е наша желба, но ќе биде краен епилог на нашето дејствување.
Горан Пинза, здружение „За нас се работи“.

„Уште еднаш да апелираме и да ги потсетиме надлежните дека што поскоро треба да преземат мерки за кои ние веќе десетина месеци алармираме. Доколку нешто не се преземе и тие бројки не бидат вратени во нормалата, ќе мора да преземеме порадикални мерки, нешто кое не е наша желба, но ќе биде краен епилог на нашето дејствување“, предупреди Пинза.

Во годината дозволено е 35 дена да бидат надминати нормалните вредности, а во Битола веќе се измерени 78 денови.

„Останува да апелираме до нашите сограѓани да ја следат веб страната на Министерството за животна средина и вредностите кои ги покажуваат мерните станици кога се во функција. Да ги следат препораките кои таму се дадени, а тоа се да не се излегува во период кога крајната граница од 50 е надмината и да се затвораат прозорците за надворешниот воздух да не влегува во нивните живеалишта. Сакале или не, ова треба да го сфатиме како елементарна непогода, која често пати се прикрива и не ѝ се дава никакво значење.

Досега надлежните немаат откриено што го нарушува квалитетот на воздухот во градот. Од Општина Битола соопштија дека избрана е фирма од Скопје која ќе спроведе мерења и ќе се знае кој е главниот загадувач.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG