Достапни линкови

„Солидарност“ за солидарност со бегалците


„Солидарност“ организира кампања за подигнување на свеста во јавноста за неопходноста од непречено движење на бегалците, наместо затскриена сегрегација и дискриминација

Во изминативе четири месеци над 200 илјади мигранти поминале низ македонската територија, покажуваат податоците од Министерството за внатрешни работи. Само во текот на викендов полицијата издала 7.500 потврди за искажана намера за азил.

Затоа што е јасно дека терен сета работа што се врши во привремените прифатни кампови кои се наоѓаат во Гевгелија и Табановце, се дело најмногу на невладините организации, меѓународните организации, а државата тука многу малку придонесува.
Соња Стојадиновиќ, „Солидарност“ .

Волонтерите во Гевгелија и Табановце велат дека засега без поголеми застои мигрантите и бегалците ја минуваат Македонија, но посочуваат дека старите проблеми се уште не се решени. Недостасува греење во прифатните кампови како за мигрантите така и за волонтерите кои со часови се на терен, а недостасува и похуман однос од вработените во Македонски железници кои наплатуваат трипати поскапи карти за мигрантите односно по 25 евра од човек.

Левичарското движење Солидарност организира кампања за подигнување на свеста во јавноста за неопходноста од непречено движење на бегалците, наместо затскриена сегрегација и дискриминација, за која како што велат дека како карактеристика на регионалната политика за азил на Европската унија се пресликува во дејствувањето на државните институции и во Македонија.

Една од целите на кампањата е информирање за причините за бегалската криза како и за состојбата во која се наоѓаат мигрантите, заради сузбивање на нехуманиот однос кон нив, вели активистот во Солидарност Соња Стојадиновиќ.

„Во која ситуација тие се прифаќаат и односот на властите, односно на државата кон бегалците, затоа што е јасно дека терен сета работа што се врши во привремените прифатни кампови кои се наоѓаат во Гевгелија и Табановце, се дело најмногу на невладините организации, меѓународните организации, а државата тука многу малку придонесува“, вели Стојадиновиќ.

Таа објаснува дека очекувани резултати од кампањата се и намалување на расизмот и ксенофобијата, кои најчесто се појавуваат кај младите.

„Судирот на младите и средбата на младите со нив, со бегалците и мигрантите како една голема непознаница, предизвикува многу лесно не испади на прифаќање, туку испади на ксенофобија и расизам, дури и омраза. Целта е да се подигне свеста кај младите дека тоа се луѓе кои се многу слични на нив,дури се исти, бидејќи меѓу бегалците има многу луѓе кои се на нивни години, кои се млади, кои бегаат и кои немаат шанса да го завршат своето образование“, вели Стојадиновиќ.

Солидарноста со бегалците е дел од борбата против политичката и економската обесправеност што во денешниот глобален економски систем му се случува на работникот, земјоделецот, студентот и сите оние кои бегаат од различни форми на насилство и експлоатација што не се признаени според меѓународните, регионалните и националните политики за азил, е наведено во соопштението на Солидарност.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG