Колку и да се трудат кумановци се уште не можат да се навикнат да го почитуваат времето на некој друг, да застанат во ред пред шалтерот, а не ретко бараат и својата работа да си ја завршат преку „врски“ или пак снаодливост. Некои реагираат на „падобранците“, некои на вработените зад шалтерите. Вработените се главно млади и зависно од тоа дали тешко или лесно дошле до работното место, но и дали се добро воспитани, се однесуваат културно и љубезно.
Кумановци би кажале „ма каква култура, какви бакрачи“. Такви се кумановските институции. Никаква култура внатре, ниту пак амбиент за работа. Имав барање до институциите за да извадам еден личен документ, на кое тие не ми одговорија.Анкетиран граѓанин.
Запрашаните кумановци раскажуваат различни искуства. Тие велат дека не може да се генерализира дека граѓаните или вработените се културни или не, меѓутоа се согласуваат дека времињата и околностите се менуваат, бројчиња за редот се воведени на повеќе места, затоа и навиките треба да се менуваат.
„Се трудат да почитуваат ред, некогаш се нервираш, некогаш не. Вработените се љубезни индивидуално, но повеќе се културни, сега се сите млади.“
„Сум работела на такво работно место и сите ме почитуваат.“
„Одење по институциите е најтешка работа. Зависи каде одите. Има места каде работите се завршуваат веднаш или по неколку дена, ако тоа е можно. Јас на пример, имам проблем со ЕВН. Не доаѓаат да ми го прочитаат броилото во станот во Скопје. Значи системот не функционира. Или некој од вработените во ЕВН не функционира. Љубезни се кога се јавувам на телефон, но не е љубезен тој што треба да го прочита броилото. Граѓаните главно го почитуиваат редот, но често пати не знаат што бараат и одземаат многу време.“
„Една од потешките работи да се заврши во Куманово е во ЕВН. Има смао два шалтера, а секогаш многу луѓе. Ниту од едната, ниту од другата страна не се почитува редот, без оглед што има автомат за броеви. Влегуваат луѓе преку ред и тоа иритира и создава турканици. Вработените главно се љубезни, но и тие не го воведуваат редот со броеви.“
Велат повозрасните кумановци, додека помладите кои имаат сосема поинакви сфаќања за почитување на времето, како од нивните сограѓани,така и од шалтерските работници, имаат свои забелешки. Најчесто тие и реагираат доколку некој не го почитува редот.
„Кумановци би кажале „ма каква култура, какви бакрачи“. Такви се кумановските институции. Никаква култура внатре, ниту пак амбиент за работа. Имав барање до институциите за да извадам еден личен документ, на кое тие не ми одговорија. Отидов да чекам на шалтер и пред мене и зад мене имаше по една брачна двојка. Дојде еден и застана пред мене. Го прашав дали е за тој шалтер, на што тој потврди и го предупредив дека тука има ред. Тој ме погледна зачудено и рече дека тој само треба да праша. Му реков дека и јас сум тука за само да прашам. Затоа ве молам, тргнете се и застанете во редот, зашто сите сме еднакви пред законот. Тој ме гледаше неколку секунди и се тргна. Да појаснам дека тој ниту беше изнемоштено лице, ниту пак бремена жена, кои што претпочитам да ги пуштам пред мене.“
Оваа кумановка има забелешки и на амбиентот во просториите.
„Просториите лошо мирисаат и многу ретко се проветруваат. Тоа не е случај со западноевропските земји каде земате бројче и чекате ред.“
Автомати за издавање на бројчиња се поставени на повеќе места, меѓутоа, ќе треба уште време за нашите луѓе да се навикнат. Не можат да сфатат ниту дека на шалтерите во банките редот е зад линијата, а не дишење во врат, прислушкување и ѕиркање во сметките или парите на оној пред нив.