Поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ Ѓулистана Марковска вели дека наместо да ги отстрани криминалот и корупцијата ВМРО-ДПМНЕ уште подлабоко се нурнува во нив, бидејки главниот проблем не е решен, а тоа е дека раководството не сака да се справи со корупцијата.
ВМРО-ДПМНЕ е многу голема и силна партија во која членуваат голем број луѓе и далеку од тоа дека нема капацитет да се справи со споменатата корупција која е и по вертикална и по хоризонтална линија. Капацитет постои, но сметам дека има опструкции.Гулистана Марковска, поранешна пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.
„ВМРО-ДПМНЕ е многу голема и силна партија во која членуваат голем број луѓе и далеку од тоа дека нема капацитет да се справи со споменатата корупција која е и по вертикална и по хоризонтална линија. Капацитет постои, но сметам дека има опструкции и дека имаме едно општо замајување на народот со популистички мерки во кои што таа треба да се скрие. Тие опструкции доаѓаат од актуелното раководство на ВМРО ДПМНЕ“, вели Марковска, која е гостинка во интервјуто на Радио Слободна Европа што ќе се емитува в недела.
Таа е една од десетината поранешни пратеници на ВМРО- ДПМНЕ кои упатија писмо до раководството на ВМРО- ДММНЕ и изразија незадоволство од политиката на партијата. Тие го критикуваа актуелното раководство дека наместо да ги отстрани криминалот и корупцијата шампионски уште подлабоко се нурнува во нив и оценија дека државата се наоѓа во една од најтешките политички и институционални кризи досега. Со критиките одат дотаму што ја критикуваат оваа власт за уривање на духот на граѓаните, што е причина за нивно масовно иселување.
Проблеми имаме во државата, првично тука ќе се случат промените, па дури потоа очекувам дека нивното членство ќе смогне сили да ги промени луѓето кои што ја водат партијата.Никола Дујовски, универзитетски професор.
Незадоволството од ова партија се искажува се поотворено по девет години од нејзиното владеење и после т.н бомби што ги објави опозицијата и аферите како последната со Телеком.
Професор Никола Дујовски вели дека во овој момент не може да се очекуваат промени во раководството на партијата, бидејки тоа се случува кога партиите се во опозиција.
„Најчесто во историјата партиите се реформираат во опозиција. Се додека Груевски ја има власта во државата тој ќе ја држи власта и во партијата. Кога ќе биде во опозиција нормално е прво самиот себеси да се праша дали ќе продолжи да ја води партијата и неговите сопартијци да побараат можеби негова промени“, вели Дујовски.
Неговиот впечаток е дека не може сега да се очекуваат промени во раководството на партијата, но и оти тоа не го решава главниот проблем, а тоа е што нема промени во државата.
„Проблеми имаме во државата, првично тука ќе се случат промените, па дури потоа очекувам дека нивното членство ќе смогне сили да ги промени луѓето кои што ја водат партијата. Видовме дека има промени во државата, дел од министрите на ВМРО-ДПМНЕ повеќе не се министри во владата, но ги задржаа своите позиции во партијата и дури и ги зајакнаа во изминатиот период, и затоа ценам дека најпрво ќе се случат промени во државата, а дури потоа ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да се реформира.“
Дујовски нагласи дека луѓето кои заминале од министерските позиции треба и во партијата да отстапат место за нови луѓе. Не треба да се дозволи луѓето да се бирократизираат за своите фотелји, а нам токму тоа ни се случува, дополни Дујовски.