Достапни линкови

Големите партии бегаат од отворени листи


Македонија да биде една изборна единица, а граѓаните освен за партија да може да гласаат и за пратеник се идеите кои се туркаат од невладиниот сектор и помалите партии.

Отворени листи и една изборна единица се двете идеи кои се туркаат во јавноста, првата и од невладиниот сектор, а втората, пак, од помалите политички партии, за кои засега изгледа дека нема заинтересираност кај четирите поголеми партии кои периодов ги договараат реформите. Ивон Величковски, претседател на ЛП, една од помалите партии кои ја застапуваат идејата за една изборна единица, вели дека ја разбирал незаинтересираноста на власта, но, како што додава, не и на опозицијата.

Можам да го разберам стравот на власта, но неприфатливо е СДСМ да не го протежира овој модел ако се знае стартната придобивка.
Ивон Величковски, претседател на ЛП.

„Со сите симулации јасно е дека со една изборна единица и отворени листи ВМРО-ДПМНЕ губи најмалку десет до 15 пратеници. Можам да го разберам стравот на власта, но неприфатливо е СДСМ да не го протежира овој модел ако се знае стартната придобивка. Истовремено, отворените листи нудат можност граѓаните да си гласаат и за партијата што ја преферираат и за луѓето во партијата што сакаат да ги видат во собраниските столчиња“, вели Величковски.

И граѓанската асоцијација МОСТ која деновиве излезе со своја анализа препорача да се разгледа можноста за воведување модел со отворени листи, бидејќи меѓу другото со тоа би се натерале пратениците да бидат што поактивни во периодот помеѓу два изборни циклуса, со цел да добијат што повеќе гласови на следните избори. Но, МОСТ посочува дека негативната страна на тоа Македонија да биде една изборна единица е тоа што се намалувала поврзаноста на пратениците со граѓаните, а би бил неопходен и праг на излезност.

Малите партии се залагаат за една изборна единица од едноставна причина што нема да бидат зависни од формирање на широки коалиции. Тоа дава придонес во однос на демократизацијата, во однос на етаблирање на нови субјекти, на негубење на гласовите кои кога одат малите партии во шест изборни единици ги губат.
Александар Новаковски, поранешен претседател на ДИК.

И според поранешниот претседател на Државната изборна комисија Александар Новаковски, во таков случај неопходен е праг на излезност. Но, тој сугерира дека вакви крупни промени бараат поголеми дебати и подготовки, а за тоа нема време до изборите во април идната година.

„Малите партии се залагаат за една изборна единица од едноставна причина што нема да бидат зависни од формирање на широки коалиции. Тоа дава придонес во однос на демократизацијата, во однос на етаблирање на нови субјекти, на негубење на гласовите кои кога одат малите партии во шест изборни единици ги губат“, вели Новаковски.

Тој сепак додава дека негативни страни од воведувањето на овие модели е што би се отежнала работата на Државната изборна комисија при пребројувањето на гласовите на отворените листи и една изборна единица.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG