Рибата смрди од главата и проблемот е во Никола Груевски и начинот на кој ја води власта, коментира претседателот на СДСМ Зоран Заев, откако премиерот на изборниот конгрес викендов во Куманово најави кадровски промени.
Груевски мора да даде оставка и само на тој начин да се нормализираат состојбите во Република Македонија со конечна цел – подготовка на предвремени парламентарни избори. Автократскиот режим е поставен од Никола Груевски, а не од поединци коишто се огрешиле од законот. Проблемот е Никола Груевски.Зоран Заев, претседател на СДСМ.
„Тим кој победува не се менува, но и со играчи кои ќе се заморат, ако не се заменат или одморат, тимот нема да продолжи да победува“, нагласи Груевски.
Заев, пак, во изјава за Радио Слободна Европа, вели дека оставки од поединци или, како што додава, жртвени јагниња не се решение за ситуацијата во Македонија.
„Груевски мора да даде оставка и само на тој начин да се нормализираат состојбите во Република Македонија со конечна цел – подготовка на предвремени парламентарни избори. Не се работи за наши барања дали некој нешто задоволува или не, се работи за ослободување на Македонија од прангите на автократскиот режим којшто е поставен во државата. Автократскиот режим е поставен од Никола Груевски, а не од поединци коишто се огрешиле од законот. Проблемот е Никола Груевски“, вели Заев.
Немам баш некоја проценка што значи тоа замореност на кадрите. За мене замореност на кадрите значи министер што е на функцијата осум или десет години, мислам дека сите тие веќе дале што можеле да дадат и тука треба да има промени и освежување на тимот, генерално гледано како позиција. Инаку, и во време на комунизмот не се задржуваат министри повеќе од четири години, а сега се долго време. Ако мисли на тоа, можеби држи.Павле Трајанов, претседател на Демократски сојуз.
Според пратеникот Павле Трајанов, чија партија Демократски сојуз, е дел од владината коалиција, потребно е да се подготви платформа за излегување од кризата која би била усогласена меѓу сите партии во парламентот и во која би била опфатена и одговорност на носители на јавни и државни функции. Најавата на Груевски за кадровски промени, додава тој, не е одраз на некаков политички договор, туку внатрепартиско прашање.
На прашањето во кого гледа играчи кои се заморени, како што рече Груевски, Трајанов вели дека е тешко да се оцени оти таква анализа досега не видел ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту од кој било друг.
„Немам баш некоја проценка што значи тоа замореност на кадрите. За мене замореност на кадрите значи министер што е на функцијата осум или десет години, мислам дека сите тие веќе дале што можеле да дадат и тука треба да има промени и освежување на тимот, генерално гледано како позиција. Инаку, и во време на комунизмот не се задржуваат министри повеќе од четири години, а сега се долго време. Ако мисли на тоа, можеби држи“, вели Трајанов.
Инаку, Заев уште во март побара итна оставка на владата, јавниот обвинител Марко Зврлевски и на раководниот тим на МРТВ. Тогаш прецизира дека бараат во преодната влада да немало луѓе за кои има сомнеж или докази за незаконски постапување или криминал. Во меѓувреме тој продолжи со прес-конференциите на кои се презентираат телефонските разговори и во кои гласовите на голем дел министри и политичари, кои, како што тврди Заев, договараат криминални и нелегални активности. Оставки и почеток на транспарентна и независна истрага неодамна отворено побара и германската амбасадорка во Македонија Кристине Алтхаузер.