Достапни линкови

Оставки или масовни протести за излез од кризата?


Разрешницата на кризата наскоро ќе влезе во завршна фаза, велат познавачите. Дали тоа ќе биде со оставки, како што сугерираат странците или со масовни протести, како што најавува опозицијата, останува да се види.

Речиси целосно извесен е исходот од конгресот на ВМРО-ДПМНЕ викендов во Куманово. На него повторно за партиски лидер се очекува да биде избран Никола Груевски. Внатрепартиските избори, пак, доаѓаат во период во кој странските амбасадори засилено бараат оставки и транспарентен истражен процес и за содржината на материјалите што ги објавува опозицијата.

Оставките се политички чин и воведуваат во мирна разрешница на целиот процес и излегување од сегашната криза. Другата варијанта е преку улична демократија, која во најдобар случај, ако е добро контролирана и ако нема на пример вадење на голем број полицајци и провокација и од едната и од другата страна, може да заврши со мирни протести.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

Според аналитичарот Алберт Муслиу, разрешницата на кризата наскоро ќе влезе во завршна фаза и токму ваквите сугестии на странците се подобриот начин за излегување од ситуацијата.

„Оставките се политички чин и воведуваат во мирна разрешница на целиот процес и излегување од сегашната криза. Другата варијанта е преку улична демократија, која во најдобар случај, ако е добро контролирана и ако нема на пример вадење на голем број полицајци и провокација и од едната и од другата страна, може да заврши со мирни протести“, вели Муслиу.

Протести за месецов, пак, веќе најави лидерот на опозицијата Зоран Заев, кој нагласи и дека тоа немало да биде обичен протест, да дошле, да го кажеле своето и да си оделе, туку дека ќе останеле на улиците се додека оваа власт не си замине.

Аналитичарот Владимир Божиновски, сугерира дека единствен начин за излегување од кризата е опозицијата да се откаже од барањето за техничка влада, па потоа, како што додава, можело да се разговара и за оставките за кои зборуваат странците.

Не е решение Владата да прифати одредени отстапки или сугестии, некакви решенија, а од друга страна опозицијата цврсто да си стои на своите ставови, особено на оној тотално неприфатлив за техничка влада.
Владимир Божиновски, политички аналитичар.

„Не е решение Владата да прифати одредени отстапки или сугестии, некакви решенија, а од друга страна опозицијата цврсто да си стои на своите ставови, особено на оној тотално неприфатлив за техничка влада. Во моментот кога опозицијата ќе биде подготвена да прифати дека техничка влада не може да има, се останато може да биде предмет на договор и може да доведе до взаемно решение“, вели Божиновски.

Инаку германската амбасадорка Кристине Алтхаузер, неделава изјави дека, според западните политички стандарди, политички последици од обемот и природата на обвинувањата се неизбежни и, како што нагласи, последиците од тоа, на пример, би требало да значат оставки како предуслов да се дојде до почеток на неопходен транспарентен и независен истражен процес. Американскиот заменик помошник Државен секретар Хојт Ји и во Скопје, но и од Вашингтон го повтори повикот до македонските власти да се справат со случајот со прислушувањето, како и повикот до СДСМ да се врати во Собранието. И евроамбасадорот Аиво Орав, вчера порача дека патот кон ЕУ за Македонија е поважен од партиски и политички рејтинг, а партиите да разберат дека не постојат совршени решенија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG