Документи кои, како што рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев, се во сопственост на Република Македонија, и од нив се докажувало кој стои зад прислушувањето, беа презентирани на денешната прес-конференција. Од нив, рече Заев, се докажувало дека зад, како што го нарече, гигантското прислушување, стоеле Никола Груевски и Сашо Мијалков. Заев објасни дека поседуваат транскрипти од повеќе од 100 илјади разговори и 18 илјади СМС пораки и 12 илјади различни телефонски броеви, односно, како што рече, околу 20 илјади граѓани биле прислушувани.
Прислушуваните, имале и псевдоними по кои биле водени, па лично за мене псевдонимот бил „ДС Зеко“.Зоран Заев, СДСМ.
Беа презентирани документи во ексел формат, за кои Заев тврди дека се од УБК при МВР, а на кои се гледаат имиња на луѓе, нивни телефонски броеви, а во некои документи и транскрипти на разговори. Прислушуваните, вели Заев, имале и псевдоними по кои биле водени, па лично за него тврди дека псевдонимот му бил „ДС Зеко“, за поранешниот претседател на СДСМ и претседател на државата, Бранко Црвенковски, псевдонимот бил „Крст“, за министерот Јанакиески „Тутин“, за пратеничката Силвана Бонева „Босил“, за уредникот на Тв Сител, Драган Павловиќ Латас, псевдонимот бил „Талас“, а за Бучковски, „НДСБува“.
Заев нагласи дека минатата недела до Јавното обвинителство, поднеле и 13 необјавени дотогаш аудио снимки, кои, како што рече, биле доказ кој стои зад прислушувањето во земјата и дека тоа не биле странски служби.
Од снимките на прислушуваните разговори кои беа пуштени во СДСМ, како што нагласи Заев, се слуша како директорот на УБК Сашо Мијалков, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, договараат како да ја ограничат собраниската комисија за надзор на работата на УБК. Заев рече дека се работи за разговори кои датираат од 2012 година.
Од друг телефонски разговор како што рече претседателот на СДСМ се слуша како портпаролот на МВР, Иво Котевски, нарачувал кај Јанкулоска да биде лоциран одреден телефонски број, при што таа велела дека МВР има опрема за тоа.
Разговори на истата тема беа објавени и меѓу, како што рече Заев, Јанкулоска и Мијалков и Јанкулоска и шефот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков. „Они ќе речат се прислушува цела држава, ние ќе речеме не е така и готово“, вели женскиот глас на еден од разговорите, кој според опозицијата е на Јанкулоска.
Ова докажува дека ни Заев ни Верушевски не можеле да влезат и да прават прислушување во толкав обем, рече Заев.
Тој вели дека премиерот лаже дека се странски служби.
Ова е скандал што ја надминува американската афера Вотергејт, која доведе до оставка на претседателот Никсон, а тука Груевски и Мијалков како крлежи се згрчени за фотелјите, рече Заев.
Заев најави дека во мај ќе има протест, досега невиден во Македонија, но оти датумот ќе биде дополнително објавен.
Тој одговарајќи на новинарско прашање рече дека не е против руски гас, туку бара земјата да се приклучи на Транс-атлантскиот гасовод, за како што вели, да имаме алтернатива, а не да зависиме само од еден извор.