Дел од експертите во земјава сметаат дека препораките што ги упати ММФ дека треба да се внимава јавните трошоци да се намалат се сериозни и Владата треба да ги почитува.
Акцентот мора да се стави на она што значи продуктивен трошок, односно оние инвестиции кои може да генерираат поголем раст на националната економија.Зоран Ивановски, универзитетски професор.
И професор Зоран Ивановски вели дека Владата треба да ги уважи сугестиите на ММФ, а за него тоа било очекувано предупредување во ситуација кога Владата продолжува да троши пари за градби во центарот на Скопје.
„Извештајот на ММФ е коректен и јасно ги детектира можните закани, и исто така ги дава многу јасно и транспарентно и можните и нужни правци на натамошната активност на владата во делот на економијата, односно дека акцентот мора да се стави на она што значи продуктивен трошок, односно оние инвестиции кои може да генерираат поголем раст на националната економија. Сите непродуктивни трошоци не одат во таа насока“, вели професор Зоран Ивановски.
Можеби имаше некое благо затишје, но градежната експанзија не почна повторно, туку продолжи понатаму.Сања Рагеновиќ Јоавновиќ, претседателка на Асоцијацијата на архитекти.
Премиерот Никола Груевски рече дека извештајот ја демаскира сликата која ја претставува опозицијата и дека извештајот покажува дека Македонија е во петте најниско задолжени земји. Но економистите советуваат дека би можело да биде ризично доколку продолжи трошењето пари за непродуктивни трошоци.
Коментирајќи ги сугестиите на ММФ дел од економистите потсетуваат дека во овој период се случуваат многу нови градби во рамки на проектот Скопје 2014, кои уште еднаш го потврдуваат правецет на економските политики. Според најавите во наредниот период ќе се гради споменикот на мајка Тереза, како и Шпанските скали на плоштадот во Скопје, а веќе се гради и панорамското тркало. Исто така деновиве градот распиша тендер за нова барокна фасада на зграда во центарот за што Градот планира да потроши 7 илјади евра.
Освен трошењето пари за непродуктивни трошоци и архитектите опоменуваат дека не треба да се игнорираат нивните предупредувања за естетскиот аспект на градбите. Веќе јасно се гледа дека нема запирање на градежната експанзија во центарот на градот, вели претседателката на Асоцијацијата на архитекти Сања Рагеновиќ Јоавновиќ.
„Можеби имаше некое благо затишје, но градежната експанзија не почна повторно, туку продолжи понатаму. И понатаму продолжува да се покажува непочитување на архитектонската професија и елементарните начела на архитектонската наука, затоа што и натаму се продолжува со пренатрупување на градот. И досега тоа што е направено е премногу и недоволно стручно“, вели претседателката на Асоцијацијата на архитекти Сања Рагеновиќ Јовановиќ.
Од тие причини таа најави дека Асоцијацијата планира да ја бојкотира манифестацијата што по повод 13 Ноември ја организира градот.