Две години со ред исти земјоделци незаконски садат крупнолисен тутун од типот „вирџинија“ во општина Могила и Кукуречани. Лани земјоделската инспекцијата им заплени поголема количина на сушен тутун и ги казни од 600 до 1500 евра, а годинава е симптоматично што пак го засадија. Ни минатата сезона, ни оваа, немаа потпишани договори со компанија за откуп, што, според законот, значи дека нелегално го одгледувале. Образложението им е исто, дека во последен момент ги измамила грчка компанија.
Овде не се работи за криминал. Имавме најави од грчка фирма дека ќе ни направи договор за откуп. Но, тоа не се случи, а ние веќе го имавме расадено тутунот на нивите.Сашо Пивковски, земјоделец.
„Овде не се работи за криминал. Имавме најави од грчка фирма дека ќе ни направи договор за откуп. Но, тоа не се случи, а ние веќе го имавме расадено тутунот на нивите, компанијата не дала банкарска гаранција до Државниот инспекторат и врз основа на тоа не можеа да добијат лиценца за откуп. Ние не направивме ни берба на тутунот“, изјави земјоделецот Сашо Пивковски.
Државниот земјоделски инспекторат годинава им наложи со сопствена механизација да го уништат тутунот. Директорот Румен Стојменов потврди дека недозволеното производство на тутун е од страна на четири семејства кои и лани биле казнети. Но, додаде дека биле одговорни при уништувањето.
Во целост двата тутунски комбинати од Прилеп и Скопје вирџинијата ја увезуваат од надвор. Четири-пет години ни една компанија од Македонија не пројавила интерес да откупува домашен крупнолистен тутун. Поради тоа велиме дека е недозволено производството.Румен Стојменов, Државен земјоделски инспекторат.
„Три лица се истите од лани и четвртото е син на прекршител од лани. Самите земјоделци со сопствена механизација, кооперативно во соработка со нас, морам да кажам дека беа многу коректни и одговорни барем во овој сегмент на акцијата, сами го уништија и ставивме точка на нелегалното производство“, рече Стојменов.
Уништен беше тутун на 5,7 хектари, а лани дури на 60 хектари засаден од 26 земјоделци. Станува збор за тутун кој служи како качак за полнење на цигари.
„Во целост двата тутунски комбинати од Прилеп и Скопје вирџинијата ја увезуваат од надвор. Четири-пет години ни една компанија од Македонија не пројавила интерес да откупува домашен крупнолистен тутун. Поради тоа велиме дека е недозволено производството, зашто немаат договор од откупна компанија“, објасни Стојменов.
За оваа суровина постоеја шпекулации дека завршува во Арачиново и Љуботен каде се дроби и става во фалц цигари. Но, одгледувачите и надлежните и лани и годинава тврдат дека тоа не е точно.