Достапни линкови

Охрид живее само за викендите


Охрид освен езерскиот туризам, треба да понуди и некоја алтернатива, за гостите да се задржат повеќе денови, а не само на поминување, велат угостителите. Забележуваат дека Охрид нема ниту кино, ниту затворен пливачки базен, ниту модерен шопинг центар.

Охрид последните три до четири години е викенд туристички центар, сметаат некои од угостителите во градот. Михаил Мишев претседател на Здружението на угостители „Охридски еснаф“, вели дека мислењата меѓу угостителите се неподелени дека Охрид почнува да живее за време за викендите. Тој вели дека една од причините за тоа е сè послабата економска моќ на граѓаните не само од Македонија туку и од опкружувањето.

Еве веќе трета година не можеме да размислуваме за онаа сезона во континуитет кога не се чувствуваше разлика дали е вторник, дали е сабота. За жал последните години, еве веќе трета година таквите разлики во посетеноста на градот се очигледни.
Михаил Мишев, претседател на Здружението на угостители „Охридски еснаф“.

„Еве веќе трета година не можеме да размислуваме за онаа сезона во континуитет кога не се чувствуваше разлика дали е вторник, дали е сабота. За жал последните години, еве веќе трета година таквите разлики во посетеноста на градот се очигледни. Сметам дека тоа се должи најмногу на фактот што џебот на жителите не само на Македонија туку и на регионот не е баш толку многу полн како што знаеше да биде порано. Ние немаме некое отстапување во цените па дури во некои домени и сме ги намалиле цените“, вели Мишев.

Многу српски граѓани Охрид го посетуваат само на поминување, на враќање или одење на одмор во Грција на еден или два дена. Мишев вели дека и таквите гости се добредојдени во Охрид.

Ние засега имаме проблем бидејќи во Охрид немаме ниту кино, ниту затворен пливачки базен, ниту шопинг центар во 21 век, со кои ќе ги зголемиме понудите за туристите.
Александар Маленко, хотелски менаџер.

„Ние само се трудиме како град да им понудиме повеќе содржина и да имаат причина да се одлучат зошто Охрид би бил нивна трајна дестинација, а не само нивна транзит дестинација“, вели Мишев.

Александар Маленко, хотелски менаџер, вели дека ваков тип на летна туристичка сезона кога градот живее за викендите на Охрид му влегува во навика.

„Ако се жалиме по секоја сезона ќе излезе дека само се жалиме на туристите, но пред се треба да се погледнеме самите во себе, што ние како Охрид може да понудиме во моментот, каков вид туризам. Секаде во светот туристичките центри покрај езерскиот туризам даваат на гостите можност и за алтернативен туризам. Ние засега имаме проблем бидејќи во Охрид немаме ниту кино, ниту затворен пливачки базен, ниту шопинг центар во 21 век, со кои ќе ги зголемиме понудите за туристите“, вели Маленко.

XS
SM
MD
LG