Со здобивање тешки телесни повреди, изгореници од трети и четврти степен на екстремитетите, при извршување градежни работи на црно за една од скопски приватни фирми, пред безмалку една деценија, 31-годишниот Цветан Стојановиќ од кумановското село Четирце, не добил никаков вид обесштетување. Неговиот случај е заталкан во судските лавиринти, иако тој се надева дека правдата ќе ја оствари на Меѓународниот суд на правдата во Стразбур.
Поднесовме кривична пријава поради основано сомневање за сторено тешко дело против општата сигурност за кое е предвидена казна затвор од десет години. Пријавата ја упативме до Основното јавно обвинителство во Скопје за детално разгледување. Меѓутоа, од страна на надлежниот јавен обвинител сметаат дека предложената квалификација по битие на извршување е престрога, при што тие извршија преквалификација во поблаго кривично дело за кое е предвидена поблага казна и со самото тоа и пократок рок за кривичен прогон, поради што пријавата ја отфрлија поради застареност.Христијан Георгиевски, адвокат.
Неговиот правен застапник Христијан Георгиевски од Куманово последните шест месеци се зафатил да му помогне на Цветан, меѓутоа голготата на овој млад инвалид продолжува.
„Сметавме дека има основ за кривичен прогон против лицата кои довеле до тешки телесни повреди при неговото извршување на градежните работи, за што поднесовме кривична пријава поради основано сомневање за сторено тешко дело против општата сигурност за кое е предвидена казна затвор од десет години. Пријавата ја упативме до Основното јавно обвинителство во Скопје за детално разгледување. Меѓутоа, од страна на надлежниот јавен обвинител сметаат дека предложената квалификација по битие на извршување е престрога, при што тие извршија преквалификација во поблаго кривично дело за кое е предвидена поблага казна и со самото тоа и пократок рок за кривичен прогон, поради што пријавата ја отфрлија поради застареност“, вели Георгиевски и додава дека предметното решение го обжалиле до Вишото јавно обвинителство во Скопје.
Последната надеж е да се обратиме до Стразбур, оти вака немам ништо.Цветан Стојановиќ, повреден градежен работник.
„Очекуваме дека тие ќе имаат сенс, бидејќи се работи за тешки телесни повреди, изгореници од трет степен на телото, со трајно нарушување и нагрденост на неговото тело, коешто бара и построга кривична санкција и чие битие на извршување целосно одговара на настанот што се случил на 22 ноември 2004-та година“, вели адвокатот.
Според Георгиевски, иако сумата за обесштетување би била до еден милион денари, таа не може да му го врати здравјето на еден млад човек. Сепак, неразбирливо е зошто севкупниот нечовечки однос на сопственикот на фирмата е на извесен начин дезавуиран од делителите на правдата.
„Правно гледано Цветан има целосна законска основа за обесштетување и во Македонија и не би требало да се дозволи да ги помине границите на домашното законодавство. Сметам дека сите треба да бидат разумни и да го решат ова, со оглед што се работи за еден млад човек кој не може да биде истиот по самиот настан“,смета Георгиевски.
Цветан и неговото семејство се разочарани од сето она низ што поминале по неговата повреда, три ипол месеци болничко лекување кога сопственикот на фирмата само двапати се појавил, а потоа исчезнал. Разочарувањето е уште поголемо и од односот на правосудството, кое неговиот случај го третирало несоодветно.
„Последната надеж е да се обратиме до Стразбур, оти вака немам ништо“, вели Цветан, кој иако со нарушено здравје мора да се снаоѓа да обезбеди егзистенција за неговото петчлено семејство.