Достапни линкови

Потонаа преговорите за битолска „Шеќерана“


Пред неколку месеци беше најавено дека власта, Сојузот на земјоделци и „Шеќерана“ преговараат, но деновиве фабриката за шеќер влезе во претстечајна постапка.

Потонаа во вода преговорите што Министерствата за земјоделство и економија, Сојузот на земјоделци ги водеа со битолската „Шеќерана“ за да се обнови производство на шеќер од домашна шеќерна репка. Иако пред неколку месеци беше најавено дека се преговара, деновиве фабриката за шеќер влезе во предстечајна постапка. Со тоа не само што без работа ќе останат 80 работници и уште 150 кои работеа сезонски, туку и државата која располага со 34 проценти од капиталот ќе остане без единствената фабрика за шеќер, а земјоделците без надеж дека повторно ќе ја сеат репката од која добро егзистираа.

Шеќерот има пазарна цена и доколку нашите анализи покажат дека репката што ние ќе ја посадиме и „Шеќераната“ што ќе произведе шеќер, може да конкурира на пазарот, тоа ќе заживее.
Михаил Цветков, министер за земјоделство.

Министерот за земјоделство Михаил Цветков, вели кога ќе се решат проблемите со „Шеќераната“ тогаш можеме да размислуваме за сопствено производство на шеќер.

„Тоа не зависи ни од државата, ни од Министерството за земјоделство. Шеќерот има пазарна цена и доколку нашите анализи покажат дека репката што ние ќе ја посадиме и „Шеќераната“ што ќе произведе шеќер, може да конкурира на пазарот, тоа ќе заживее. Доколку не можеме да постигнеме таква цена, тешко дека таа работа ќе заживее. За да почне производство на шеќерна репка треба да има „Шеќерана“. Кога ќе се реши проблемот на „Шеќераната“ тогаш можеме да размислуваме за производство на шеќерна репка“, вели Цветков.

Веќе осум години „Шеќерната“ не произведува шеќер од домашна репка, за што беше и нејзината главна намена кога била отворена во времето на социјализмот. Бугарските газди производство го ориентирале кон преработка на увезена суровина од шеќерна трска. Но, последните години ја изгубија и трката на купувачи зашто Србија го преплави македонскиот пазар со евтин шеќер по 25 денари за килограм.

Да не беше таа шеќерна репка Пелагонија не ќе можеше да се кити дека е средина на сточарство и млеко зашто со репката се произведуваше евтина сточна храна.
Вељо Тантаров, Сојуз на земјоделци.

На земјоделците засега не им останува ништо друго освен да си спомнуваат за старите добри времиња.

„Да не беше таа шеќерна репка Пелагонија не ќе можеше да се кити дека е средина на сточарство и млеко зашто со репката се произведуваше евтина сточна храна. Шеќерната репка во нашата земјоделска култура се нарекува кралица на полето. Дваесетина села во битолско произведуваа 40 милиони килограми шеќерна репка годишно. Имавме добра соработка со тогашната „Шеќерана“, се даваше гратис семенска стока, средства за заштита. Состојбите се сменија, откако „Шечераната“ ја купија бугарски компании, шеќерната репка беше откажана“, вели Вељо Тантаров од Сојузот на земјоделци.

Битолската „Шеќерана“ веќе петнаесетина години има бугарски газди, кои деновиве се недостапни да ги коментираат случувањата со предстечајната постапка.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG