Достапни линкови

Бендевска - Кој го штити криминалот во битолската Шеќерана?


Шеќераната во Битола.
Шеќераната во Битола.

Никој не го гони криминалот во битолската шеќерана, затоа што структури од власта го „делат кајмакот“ со сопствениците и ги штитат од гонење, рече пратеничката Весна Бендевска од СДСМ на денешната седница за пратенички прашања. Премиерот Груевски рече дека ќе побара од надлежните институции да проверат дали има незаконитости.

Битолската Шеќерана дојде на дневен ред на собраниската седница за пратенички прашања. Опозицијата тврди дека таму има голем број незаконитости и оти криминалот не се истражува затоа што некој од власта ги штити сопствениците на Шеќераната. Премиерот Никола Груевски одговори дека ќе ја информира владата и ќе побара од надлежните институции да проверат дали има незаконитости.
Ниту УЈП влегува, ниту финансиската полиција, а државниот повереник не бил на ниту една седница на собрание на акционери да го штити државниот капитал. Дали знаете дека експертите тврдат дека просечна нето добивка на оваа компанија е 6 милиони евра? 36 милиони евра неоданочени, имате даночно затајување од близу 40 милиони евра и никој од македонските институции нему не може да му стапне на сенката. Кој висок функционер од ВМРО-ДПМНЕ го штити бугарскиот газда?
Весна Бендевска, СДСМ.

Опозицијата реагираше на тоа што премиерот доцнеше околу 50 минути, па почетокот на седницата беше одложен, како и на тоа дека пратениците од владејачкото мнозинство го „трошат времето“ и ја одолговлекуваат седницата со нарачани прашања за кои министрите и премиерот имаат однапред подготвени одговори на кои премногу долго одговараат.

„Господине Груевски, имате ли појма како изгледате пред јавноста додека фарсично глумите и давате долги одговори на однапред познати прашања поставени од ваши пратеници? Срамно! Ме уби вашиот срам, затоа излегов надвор“, рече пратеничката Весна Бендевска од СДСМ.
Шеќерни коцки.
Шеќерни коцки.

Ние не штитиме никого, работиме согласно закон, работиме подеднакво кон сите, секој треба да си ги плаќа даноците согласно законите како и во секоја држава. Оваа влада досега нема никого штитено, можеби некоја друга влада во минатото, до која вие сте биле блиска, штитела некого па вие сте навикнати од тој период дека некој може некого да штити.
Никола Груевски, премиер.
Таа обвини дека бугарските сопственици на битолската Шеќерана не ја спроведуваат одлуката на Врховниот суд да ги вратат сите вработени на работа и праша што ќе направи владата за да ги натераат да се спроведе одлуката на судот. Бендевска рече дека бугарската фирма Литекс го купила мнозинскиот пакет акции во 2002 година, во време кога токму премиерот Груевски бил претседател на Државната комисија за хартии од вредност. Бендевска обвини дека Шеќераната намерно се обезвреднува, а државата не реагира, иако има 46 отсто од акциите. Таа рече дека Шеќераната годишно врти 16 милиони евра, а прикажува добивка од само 5.000 евра за кои плаќа данок од 500 евра, иако, како што рече, се проценува дека добивката на Шеќераната е околу 6 милиони евра годишно.

„Господине Груевски, ниту УЈП влегува, ниту финансиската полиција, а државниот повереник не бил на ниту една седница на собрание на акционери да го штити државниот капитал. Дали знаете дека експертите тврдат дека просечна нето добивка на оваа компанија е 6 милиони евра? 36 милиони евра неоданочени, имате даночно затајување од близу 40 милиони евра и никој од македонските институции нему не може да му стапне на сенката. Кој висок функционер од ВМРО-ДПМНЕ го штити бугарскиот газда?“, праша Бендевска.

Премиерот Груевски оцени дека прашањата и констатациите се злонамерни. Тој рече дека ќе побара надлежните инспекции да ја проверат работата на Шеќераната и дали тврдењата на Бендевска се точни. Тој рече дека УЈП ќе провери дали во Шеќераната имало даночно затајување.

„Ние не штитиме никого, работиме согласно закон, работиме подеднакво кон сите, секој треба да си ги плаќа даноците согласно законите како и во секоја држава. Оваа влада досега нема никого штитено, можеби некоја друга влада во минатото, до која вие сте биле блиска, штитела некого па вие сте навикнати од тој период дека некој може некого да штити“, одговори премиерот Груевски.

Бендевска изрази сомнеж дека владата има волја да го истражи овој случај и потсети дека пратеникот Андреј Жерновски уште пред две години поставил прашања за Шеќераната, но никој ништо не презел. Таа обвини дека сопствениците на Шеќераната ги делат парите од затаениот данок со висок функционер од ВМРО-ДПМНЕ и затоа никој не ги гони.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG