Достапни линкови

Битолска Шеќерана ја ,,тресат“ штрајкови


Битола
Битола
Шест години по продажбата на битолската шеќерана, на бугарската фирма Литекс, во Битола не се сади ниту еден корен шеќерна репка. По влезот на странскиот инвеститор, шеќераната се преориентира кон преработка на увозна суровина од шеќерна трска, бидејќи трошоците се помали, а при увозот не плаќаат царина. Вработените се жалат дека расте количината на преработен шеќер, но платите се намалуваат, поради што фабриката ја ,,тресат“ штрајкови:

„Произведуваме дупло, дури ни кажуваат дека е најдобра година, но платите ни ги намалуваат. Ни кажуваат дека е економска криза, рецесија, дека има шеќерана од Босна која го снабдувала тукашниот пазар, но ние од тоа ништо не гледаме.“

изјави Драги Вингуровски претседател на Синдикалната организација во шеќераната. Газдите минатите години го преполовија и бројот на вработени, но дел од отпуштените работници судот ги врати на работа, но тие се жалат дека раководството ги држи во една просторија и не им дава работа. На истото се жалат и останатите работници. Велат за време на штрајк се под тортура:

„МОБИНГОТ, односно малтретирање на работното место е тема за која треба да се разговара малку пошироко.“

„Нема никакви услови, нема ниту каде да се јаде. Треба да дојде инспекција.“

Раководстовото на фабриката даде неколку предлози за надминување на проблемот со платите, но на обвинувањата за МОБИНГ досега не одговориле. Државата сеуште е сопственик на 47% од капиталот во шеќерана, но работниците воопшто не знаат кој е нејзиниот повереник, бидејќи тој досега се нема појавено. Битолската Шеќерана е единствениот капацитет за преработка на шеќер во Македонија.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG