Достапни линкови

Обама со нов план против климатските промени


Обама со нов план против климатските промени
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:43 0:00

Обама со нов план против климатските промени

Американскиот претседател Барак Обама има нов план со, како што се оценува, клучна еколошка акција во рамките на борбата против климатските промени. „Промената на климата веќе не е проблем на идните генерации“, оценува претседателот Обама во видеото објавено на Фејсбук.

Станува збор за големо намалување на дозволените количества на таканаречените штетни гасови во атмосферата од американските термоцентрали.

Всушност тоа е ревидиран претходен план и со него сега се бара до 2030 година кратење на испуштањето јаглерод од енергетскиот сектор за 32 насто од нивото во 2005 година.

Тоа е за девет проценти повеќе од претходно предложеното.

Прописот е во насока на постепена трансформација на американскиот сектор за производство на електрична енергија и поттикнување на поагресивна промена на јагленот кон обновливи енергетски извори.

Планот се очекува да наиде на критики од индустриските концерни и од конгресмените од федералните држави каде што главен извор на енергија се термоцентралите.

Доколку биде имплементиран овој план на Обама тогаш би требало да бидат затворени многу централи кои работат на јаглен.

Исто така, веќе не ќе може да се дозволува изградба на нови термоцентрали.

Тоа е најголемиот и најважниот потег што некогаш сме го преземале во борбата против климатските промени.
Барак Обама, претседател на САД

Тие веќе најавија дека преку судски постапки и конгресни маневри ќе направат се за да го спречат планот и ја обвинија владата дека врши упад во регулаторната политика што пак ќе предизвика зголемување на цените на електричната енергија.

Белата куќа е на сосема поинакво мислење, оценувајќи дека планот е почетен удар во натамошното справување со климатските промени.

„Тоа е најголемиот и најважниот потег што некогаш сме го преземале во борбата против климатските промени“, наведува претседателот Барак Обама.

Тој додава дека досега немало федерални ограничувања на загадувањето од термоцентралите кои се најголемиот извор на штетни гасови во Соединетите држави.

Планот ќе биде главен американски придонес во напорите на Обединетите нации да се справат со овој светски проблем.

Администрацијата на претседателот Обама вети дека ќе игра водечка улога во разговорите за климата што кон крајот на годинава ќе се одржат во Париз.

Од секоја држава ќе биде побарано во идната година да достави план како да ги исполни поставените цели во намалувањето на загадувањето на атмосферата.

Хилари Клинтон која е кандидат на Демократската партија за претседател на Соединетите држави се обидува прашањето за климатските промени да го отвори против републиканските кандидати.

Таа веќе најави план за поголема искористеност на обновливите извори на енергија како на пример сончевата енергија.

Сепак, таа го пофали планот на Обама: „Тоа е добар план и како претседател јас би го бранела“, изјави Хилари Клинтон.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG