Работите се менуваат, му одговарало тоа некому или не. Се отвораат нови можности, се креираат нови ситуации, се раѓаат нови идеи. Движењата на светските трендови се инсталираат во нашето општество, го менуваат начинот на живеење и функционирање, се зголемува брзината на совладување и учење на општествените појави и тоа никој не може да го спречи. Но, може да го успори. Значително.
Почитувани креатори на македонскиот јавно – приватен живот, повелете, вашите резултати се готови. Пасивна и незаинтересирана младина, исплашена, раселена, расцепкана. Нека има за пиво и цигари, за другото има Партија, Германија, Италија, Америка, Африка, ќе се снајдеме. Како ви се допаѓаат?
Во многу разговори со различни категории на млади луѓе се согласивме дека воопшто не се согласуваме за една работа, тие велат: не можеме да смениме ништо, без разлика колку се трудиме, што правиме, колку силно посакуваме нешто да се оствари, едноставно немаме (право) моќ да влијаеме на ништо од јавен карактер, а и на добар дел од работите што ни се случуваат во приватниот живот.
Почитувани креатори на македонскиот јавно – приватен живот, повелете, вашите резултати се готови. Пасивна и незаинтересирана младина, исплашена, раселена, расцепкана. Нека има за пиво и цигари, за другото има Партија, Германија, Италија, Америка, Африка, ќе се снајдеме. Како ви се допаѓаат?
Вообичаено кога критикувам, сакам да сум реален, и во критиката да има и позитивни и негативни компоненти. Не верувам во црно и бело. Но, ја промашивте во најзначајниот дел – македонскиот потенцијал. Штетата е голема, но и дополнително се зголемува со сè она што го гледавме и сè уште го гледаме на политичката сцена. Перцепцијата за тоа што е добро, што лошо, е комплетно измешана.
Во борбата за преживување луѓето се спремни на сè. Буквално.
Стигна делот во кој треба да ги наведеме вашите позитивни остварувања. Во целата оваа каша која свесно или несвесно ја направивте, еволуираше добар дел од младината. Браво. Отрпната на сиромаштија, беда, сивило, немајќи веќе што да изгуби, рече не на уцена, рече не на закана, рече не на лицемерие. Неизвесноста стана преголема, партискиот систем крахира и најголемите негови поддржувачи и креатори не веруваат во него. Со други зборови, партиската книшка е сè уште неопходна, но веќе не претставува гарант.
Сакаме и работиме на креирање на амбиент кој ќе ни даде шанса да покажеме кои сме и што сме. Сакаме да го заслужиме добриот живот, не некој да ни го подари.
Доста веќе. За целото ова време, стравот за основна егзистенција кулминираше. И за целото ова време дури ние се плашиме од сè и сешто, ги гледаме младите во Европа, како тие живеат, бараме сличности и разлики, можеби секаде е вака, можеби нашата замисла за животот е погрешна, можеби очекуваме нешто нереално. Во многубројните разлики, најдов една работа во која сме слични – сите сме млади. Останатото е неспоредливо. Ни одблиску.
Сакаме и работиме на креирање на амбиент кој ќе ни даде шанса да покажеме кои сме и што сме. Сакаме да го заслужиме добриот живот, не некој да ни го подари. Нашиот проблем е што не можеме да се доведеме во ситуација во која ќе можеме да го заслужиме тоа што сме го замислиле, без разлика за што се работи. Тој проблем е наметнат од ваша страна, и голем дел од вашите активности со кои ни „помагате“ во остварување на целите. Не ни помагајте веќе. Ејјјј, властодршци, вашата помош е најголемата кочница. Ваша најголема жртва се младите на Македонија. Генерациите што имаме судбина да бидеме денес млади, прво, сме жртва на упропастениот школски систем и ускратените неопходни знаења на младите кои инаку се неопходни да се вклучат во градењето на својата иднина. Второ, се воведе систем на вработување по основ на партиска книшка, а не на способност. Трето, неизбежен резултат од тие злосторства е масовното иселување на млади од земјата. Иднината на земјата најтешко е погодена што најлесно и најбрзо се иселуваат најспособните млади луѓе, онаа „сива“ материја која е неопходна за препород на Македонија.
Не верувам дека некој може да заборави што сè видовме, што сè поминавме и поминуваме сè уште, а што можеби допрва не чека.