Достапни линкови

Падот на наталитетот се одразува на бројот на средношколци


Илустрација.
Илустрација.

Просветните работници велат дека интерес кај учениците за упис во средно образование има, но потенцираат дека бројот на кандидати е намален поради падот на наталитетот во земјава.

Заврши пријавувањето во првиот уписен рок во средните училишта во Македонија. Скопските гимназии Орце Николов, Никола Карев и Раде Јовчевски – Корчагин, економското и правно Васил Антевски – Дрен и медицинското Панче Караѓозов, се училиштата за кои и годинава интересот кај учениците е најголем. Просветните работници велат дека интерес кај учениците има, но потенцираат дека бројот на кандидати е намален поради падот на наталитетот во земјава.

Белата чума мислам дека почнува да се појавува. Во сите школи се осеќа недостиг на ученици. Значи не е дека се определиле да одат во друго школо. На територијата на Град Скопје има 21 училиште и се осеќа дека има многу намален број на деца.
Александар Канурков, директор на средното училиште Васил Антевски – Дрен во Скопје.

„Белата чума мислам дека почнува да се појавува. Во сите школи се осеќа недостиг на ученици. Значи не е дека се определиле да одат во друго школо. На територијата на Град Скопје има 21 училиште и се гледа дека има многу намален број на деца“, вели директорот на училиштето Васил Антевски – Дрен, Александар Канурков.

Во ова училиште годинава можат да се запишат 476 ученици во правната и економската струка. Канурков објаснува дека и оваа година интересот за двете струки е вообичаен и дека за второто пријавување од понеделник, се останати по 50-тина места во двете струки, што до рокот во август очекува да бидат пополнети.

Најголем интерес имаше за медицински сестри и физио-терапевти. Во последните неколку години интересот е најголем за овие профили и кај паралелките на македонски и на албански наставен јазик.
Марјан Алабаковски, директор на средното медицинско училиште Панче Караѓозов во Скопје.

„Интересот за економската и правната струка е стандарден со тоа што оваа година имаме малку помал број на кандидати, но кандидатите, пак, што се примени се со поголем број на поени. Тоа значи дека односот на наталитетот што е намален веќе почна да се одразува во бројката, со тоа што ќе добиеме на квалитет, но во иднина треба да се очекува да се намали бројот на деца затоа што само три или четири скопски гимназии веќе полнат по 220 места. 800 деца мислам дека е премала бројка за толкав град од 800 илјади жители“, вели Канурков.

Голем е интересот и за упис во средното медицинско училиште Панче Караѓозов. Пријавени се 859 ученици, а можат да се запишат само 574 во насоките за медицински сестри, физиотерапевтски техничари, медицински лабораториски техничари, фармацевтски лабораториски техничари и забни техничари.

„Најголем интерес имаше за медицински сестри и физио-терапевти. Во последните неколку години интересот е најголем за овие профили и кај паралелките на македонски и на албански наставен јазик. Минималниот број на поени што беше распишан според конкурсот е 70 и имавме поголем број на пријавени ученици, но имаа помалку од 70 поени и останаа празни места, бидејќи не ги исполнуваат критериумите. Затоа од понеделник ќе има повторно конкурс за ученици што ќе имаат над 70 поени за во одредени паралелки да пополнат пет до шест слободни места што се останати“, вели директорот на училиштето Марјан Алабаковски.

Во сите средни училишта во земјава годинава има над 35 илјади слободни места за средношколците, од кои најмногу се во стручните струки и во гимназиите. Околу 22 илјади деветоодделенци ги поднесоа документите за средно образование.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG