Македонската полиција дневно спречува влез на по околу 1.000 нелегални мигранти од земјите од Блискиот Исток и Северна Африка, кои се обидуваат да влезат во земјава преку Грција, вели портпаролот на МВР Иво Котевски. Сепак, одреден број мигранти успеваат нелегално да влезат во земјава и да продолжат кон Србија, па од таму кон некоја од земјите од ЕУ.
Продолжуваме со засилените мерки за обезбедување на јужната граница. Можеме да кажеме дека околу 1.000 лица на дневно ниво коишто незаконски, илегално се обидуваат да влезат од нашиот јужен сосед.Иво Котевски, портпарол на МВР.
Министерот Митко Чавков при носењето на измените на Законот за азил со кој на нелегалните мигранти што веќе влегле во Македонија им се дозволува транзит низ земјава во рок од 72 часа, рече дека само во изминативе неколку недели бил спречен нелегален влез на околу 25 илјади луѓе од Грција во Македонија.
Котевски посочува дека Македонија се фокусира на хуман третман на нелегалните мигранти што влегле во земјава, но и на соодветното обезбедување на границите.
„Продолжуваме со засилените мерки за обезбедување на јужната граница. Можеме да кажеме дека околу 1.000 лица на дневно ниво коишто незаконски, илегално се обидуваат да влезат од нашиот јужен сосед, од соседна Република Грција, превентивно им се укажува да се вратат на територијата на Република Грција и да ја почитуваат соодветната законска регулатива“, вели Котевски.
Сега како во некои логори мигрантите се задржани во меѓузоните, и на границата со Србија и на границата со Грција, каде што ниту можеме да допреме до нив и да им доставиме некаква хуманитарна помош.Мерсиха Смаиловиќ, НВО Легис.
Засилените гранични контроли, пак, предизвикаа нов проблем. Мерсиха Смаиловиќ од невладината организација Легис која им помага на мигрантите во Македонија, вели дека по заострувањето на граничните контроли од Србија кон Македонија и од Македонија кон Грција, илјадници мигранти се заглавени во меѓуграничните области.
„Сега како во некои логори мигрантите се задржани во меѓузоните, и на границата со Србија и на границата со Грција, каде што ниту можеме да допреме до нив и да им доставиме некаква хуманитарна помош. Нашите информации од теренот велат дека сите мигранти се лоцирани во тие две меѓузони“, вели таа.
Котевски, пак, посочува дека проблемот со мигрантите не е локален, затоа што земјава не е прва земја низ која поминуваат мигрантите, а не е ниту нивна конечна дестинација.
„Решението мора да се бара глобално, или во земјите на потекло, односно смирување на вооружените конфликти коишто се водат таму и подобрување на перспективите, односно на иднината на овие лица во нивните земји или да се бара решение во однос на побрза апсорпција во земјите членки на ЕУ коишто се финална дестинација“, вели Котевски.
Српскиот министер за социјални прашања Александар Вулин денеска рече дека српската полиција синоќа спречила нелегален влез на околу 400 луѓе од Македонија во Србија.
Котевски вели дека според договорот за реадмисија меѓу двете земји, од Србија во Македонија во изминатите неколку дена нема вратено луѓе.