Достапни линкови

Законот ќе им олесни и на мигрантите и на државата


Собранието ги донесе измените на законот за азил. Тие предвидуваат мигрантите легално да можат да минат низ земјата, со што ќе им се олесни и на нив, а и државата нема да трпи поради нивното присуство.

Пратениците во македонското Собрание ги донесоа измените на Законот за азил и привремена заштита. Измените на законот за азил на мигрантите коишто минуваат низ Македонија во пракса ќе значи дека ќе им биде дозволено да си купат карта за јавен превоз како воз или автобус и да се превезат од македонско-грчката до македонско–српската граница. Од правен аспект, законските измени овозможуваат мигрантите пред полицаец да искажат намера за азил, без разлика дали е тоа на граничен премин или пак е некаде во внатрешноста на земјата, по што ќе бидат упатени за 72 часа своето барање да го потврдат во Прифатниот центар за азил во Скопје. Тоа ќе значи дека во рака ќе имаат документ кој ќе им овозможи легално за 72 часа да ја напуштат земјава.

И за нив ќе значи тоа многу, бидејќи до сега слушале страшни приказни за Македонија, беа преплашени кога влегуваа во Македонија, влегуваа во големи групи, сега тоа ќе се олесни, од друга страна ќе се намали криминалот.
Јасмин Реџепи, невладина организација „Легис“.

Јасмин Реџепи од невладината организација „Легис“, која последниве месеци се занимава со хуманитарна помош за мигрантите на терен, вели дека законските измени за мигрантите прво ќе значат побезбеден транзит, како и скратување нивниот пат на оптимален минимум, во зависност на бирократијата во земјава, додека да ги добијат документите. Тие откако ќе ги добијат докуметите ќе можат да си купат билет за јавен превоз и да стигнат до Куманово каде ќе се обидат понатаму да ја преминат границата.

„И за нив ќе значи тоа многу, бидејќи до сега слушале страшни приказни за Македонија, беа преплашени кога влегуваа во Македонија, влегуваа во големи групи, сега тоа ќе се олесни, од друга страна ќе се намали криминалот, ќе се намалат луѓето кои што ги демнат по патиштата, ќе се намали бројот на криумчари и сметам дека хуманитарната криза што ја имавме, од тој хуман аспект ќе се надмине, и од безбедносна гледна точка, ќе биде помирно.“

Останува отворено прашањето како ќе се регулира преминот за мигрантите од Македонија кон Србија. Еден од предлозите за следен чекор е договор со српското министертво за внатрешни работи за да ги признае македонските документи и по нив да им издаде српски документи на мигрантите. Тоа ќе значи дека во таква ситуација, мигрантите ќе може со воз да ја преминат легално границата и дирекно од Гевгелија да одат кон Белград.

Голготата на мигрантите низ Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:43 0:00

Реџепи истакнува дека од спроведувањето на овие законски измени државата нема да загуби ништо, ниту ќе има голем финансиски трошок, а ќе има бенефит.

„Пред се нема да бидеме меѓународно таргетирани како црна точка на патот на мигрантите, нема да бидеме земја полна со криминал, трета работа е тоа што сиве овие пари кои се одлеват од луѓето кои што плаќаат нелегално, сега ќе можат сите работи да си ги плаќаат нормално, карти, билети, нормално ќе може да се хранат, во било кој ресторан да престојуваат, во хотел, бидејќи се работи за три дена, доколку сакаат може да останат да одморат тие три дена, а знаеме дека плаќањето на легален начин, преку данокот оди во државна каса.“

Во законското решение е наведено дека по стапување на сила на овој закон, ќе треба во рок од еден месец да се донесе подзаконски акт односно правилник со кој ќе се уреди во каква форма ќе бидат документите, како ќе им се земаат отпечатоци на мигрантите и како и каде ќе бидат фотографирани за документите и каде ќе им се доделуваат истите. Секојдневно во Македонија влегуваат околу 300 мигранти. Од информациите на терен на од грчката страна на границата, има уште илјадници мигранти кои наскоро ќе се упатат кон Македонија. Во 2014 година МВР евидентирале 40 илјади мигранти што е за три пати повеќе од 2013. Минатата година полицијата привела околу 30 криумчари на мигранти додека од почетокот на годинава досега нивниот број е за три пати поголем.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG