Достапни линкови

Урбанизацијата ќе го уништи Охридското Езеро


Еколозите стравуваат дека ако се реализираат проектите за урбанизација на охридското крајбрежје и Националниот парк Галичица, тоа ќе значи неповратно уништување на Охридското Езеро.

Плановите на Владата за урбанизација на делови на брегот на Охридското Езеро и Националниот парк Галичица ќе предизвикаат неповратни негативни влијанија и последици врз биолошката разновидност на езерото и ќе го загрозат неговиот статус во УНЕСКО, каде според природните и културните критериуми е во листата на светското наследство.

Урбанизацијата на Охридското Езеро се проекти коишто после не може да се компензираат. Штетата што би се направила со сушење на Студенчишко Блато, не можете како експерт, ниту како научник да најдете компензаторни мерки за подоцна да ја надоместите. Така што влијанието е неминовно и е крајно во насока на заштитата на самата вредност на Охридското Езеро.
Александра Бујароска, невладината организација „Фронт 21/42“.

Иако овие предупредувања се навадени во студиите за стратешка оцена при носењето на Генералниот урбанистички план на Охрид и при изработката на Планот за управување со Националниот парк Галичица, сè уште не е познато дали надлежните институции ќе дозволат реализација на проектите.

Станува збор за неколку проекти на Владата за чија можна реализацијата потребни се измени на заштитни зони во Националниот парк Галичица и урбанизација на зелени и крајбрежни појаси на Охридското Езеро. Потребно е сушење на Студенчишко Блато за кое екологистите велат дека е бели дробови на езерото, за на тоа место да бидат изградени комплекс згради. Потоа сечење на голема површина на трски кај Лагадин за да бидат изградени бетонски платформи за туристички комплекси.

Во однос на Студенчишко Блато, Општина Охрид е должна да ни достави ревидирана студија. Во однос на другите проекти што се однесуваат во Националниот парк Галичица, како што е автопатот и скијачкиот центар, Националниот парк има доставена стратешка оценка, но била повлечена со тоа што чекаме да се направат некои нови корекции внатре, за да ни ја достават и по доставената документација како надлежно Министерство ние ќе се произнесеме.
Сашо Секуловски. портпарол на Mинистерството за животна средина.

„Урбанизацијата на Охридското Езеро се проекти коишто после не може да се компензираат. Штетата што би се направила со сушење на Студенчишко Блато, не можете како експерт, ниту како научник да најдете компензаторни мерки за подоцна да ја надоместите. Така што влијанието е неминовно и е крајно во насока на заштитата на самата вредност на Охридското Езеро“, вели Александра Бујароска од невладината организација „Фронт 21/42“, која за запирање на проектите заедно со уште три еколошки здруженија објавија меѓународна петиција.

Во Националниот парк Галичица Владата планира менување на заштитата на областа кај изворите Св. Наум, исто така за изградба на туристички комплекси, како и поништување на заштитата на дел од националниот парк Галичица за изградба на 14 километри автопат и изградба на скијачки комплекс.

„Во однос на Националниот парк Галичица, тоа што се планира да се спроведе е долг, голем и широк експресен пат и голем ски центар, што би значело уништување на околу 300 хектари заштитено подрачје во самиот Национален парк на чија територија не смее да се спроведуваат таков тип на активности“, вели Бујароска.

Од Општина Охрид неофицијално потврдуваат дека при менувањето на ГУП-от имало препораки од експерти Студенчишкото Блато да биде заштитено. Оттаму велат дека некои од плановите за проектите сè уште не се усвоени, дека сè уште се во најава и дека минуваат низ процедурите, но не биле во напредна фаза.

Доколку е загрозена животната средина, надлежното Министерство треба веднаш да ги врати плановите за ваквите измени и да ги стопира сите проекти. Во оваа насока оттаму ни одговорија дека се уште оценуваат дали во овие случаи постои нарушување на животната средина.

„Во однос на Студенчишко Блато, Општина Охрид е должна да ни достави ревидирана студија. Во однос на другите проекти што се однесуваат во Националниот парк Галичица, како што е автопатот и скијачкиот центар, Националниот парк има доставена стратешка оценка, но била повлечена со тоа што чекаме да се направат некои нови корекции внатре, за да ни ја достават и по доставената документација како надлежно Министерство ние ќе се произнесеме“, вели портпаролот на министерството Сашо Секуловски.

Со оглед на фактот дека Охрид е подрачје на УНЕСКО, Александра Бујароска очекува дека со меѓународна петиција македонската и меѓународната јавност ќе направат притисок и ќе помогнат да бидат заштитени Охридското Езеро и Националниот парк Галичица.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG