Достапни линкови

Албанија урива објекти на брегот на Охридско Езеро


Крајбрежјето на Охридското Езеро од алабанска страна почна да се средува, владата започна со рушење на сите објекти на брегот во насока на заштита и зачувување на природните вредности. Познавачите велат дека и Македонија треба да расчисти со градење на објекти покрај самото крајбрежје.

Албанската влада неодамна во голема акција што ја спроведе сруши 64 објекти, мотели, хотели и ресторани на потегот околу Охридското Езеро на нејзина страна. Дел од објектите биле нелегално изградени додека останатите биле со целата потребна документација, поради што на сопствениците им бил платен надомест.

Директно барање од УНЕСКО не е, ама кога УНЕСКО бара да преземеме мерки да го заштитиме квалитетот на водата во езерото, ендемичната флора и фауна ова секако бара вакви мерки.
Аријан Мероли, поранешен претставник на Албанија во Билатералниот комитет за заштита на Охридското езеро.

Според албанската страна станува збор само за прва фаза, бидејки ќе следува и втора фаза на рушење на објекти. Албанија е пред добивање на статус на заштитено подрачје на УНЕСКО, па многумина оваа акција ја поврзуваат токму со ова да се покаже дека државата се грижи за заштита и зачувување на природните вредности.

„Албанската страна почнува да презема мерки за крајбрежјето. Ова е само првата фаза од Лин до Подградец. Потоа ќе има друга фаза од Подградец до Тушемишта. Албанската влада за оваа фаза плати околу 6 милиони евра за овој простор и објектите како хотели или ресторани. Неколку ресторани имаа уредна документација кои беа регуларни, но Владата плати се и ги сруши. Директно барање од УНЕСКО не е, ама кога УНЕСКО бара да преземеме мерки да го заштитиме квалитетот на водата во езерото, ендемичната флора и фауна ова секако бара вакви мерки“, рече Аријан Мероли поранешен претставник на Албанија во Билатералниот комитет за заштита на Охридското Езеро.

Ова треба да биде еден добар пример како треба да се управува со крајбрежјето на еден регион кој е заштитен од страна на УНЕСКО иако кај нас на македонска страна во последно време се турка една идеја и планови за уште поголемо освојување на крајбрежјето.
Трајче Талески, Хидробиолшки институт во Охрид.

Експерти по заштита животна средина од Охрид и Струга ја оценуваат како позитивна акцијата на албанската влада. Велат дека и Македонија треба да расчисти со градење на објекти покрај самото крајбрежје.

„Ова треба да биде еден добар пример како треба да се управува со крајбрежјето на еден регион кој е заштитен од страна на УНЕСКО иако кај нас на македонска страна во последно време се турка една идеја и планови за уште поголемо освојување на крајбрежјето односно за уште поголема бетонизација на крајбрежјето. Треба да се знае дека во законот за води стои дека 50 метри од бреговата линија е забранета градба на градби“, рече Трајче Талески од Хидробиолшкиот институт во Охрид.

Талески вели дека Албанија како држава во последно време многу повеќе посветува внимание на зачувување на животната средина покрај езерото и во езерото.

Муса Мусаи професор по биологија од Струга рече дека Охридското Езеро полека ги губи сите еколошки и биолошки вредности.

„Со тоа што порано вети дека тоа ќе го направи, сега албанскиот премиер Рама на дело почна да ги руши таквите објект. Преку патот нека се изградат објекти но кај крајбрежјето нека се исчистат. Истото тоа треба да вреди и во Македонија. Партиите кои се на власт не се во состојба функционално објектите кои се направени да ги срушат и да ја вратат првобитната состојба на крајбрежјето на Охридското Езеро.“

Слична ваква акција Рама спроведе и на крајбрежјето на Јонско и Јадранско море каде беа срушени многу објекти.

XS
SM
MD
LG