Достапни линкови

Неделници - протест, контра-протест и пиар за војни


Дива населба во Куманово. Жителите се враќаат во своите домови.
Дива населба во Куманово. Жителите се враќаат во своите домови.

И француските медиуми пишуваат за „Мала војна“ што ја откри Фокус. Република се осврнува на митингот на ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на власта, а Глобус на антивладиниот протест.

Фокус - Скап и добар пиар покрива сè

„И Французите ја истражуваат аферата Ла петите гуерре или „Мала војна“ што ја откри Фокус“, информира неделникот во најновиот број за да напише дека - „Господинот Ивент“ на Саркози е пиар-агентот за кумановската војна!. Имено, француските новинари откриле дека Жерар Аскинази и тим од неговата агенција „Публик“ од Париз се луѓето кои во средината на февруари престојувале во Македонија и со високи претставници на власта договарале како медиумски да ја покријат воената акција во Куманово, а што власта ја планирала дури неколку месеци порано, открива неделникот.

Француските новинари откриле дека Жерар Аскинази и тим од неговата агенција „Публик“ од Париз се луѓето кои во средината на февруари престојувале во Македонија и со високи претставници на власта договарале како медиумски да ја покријат воената акција во Куманово, а што власта ја планирала дури неколку месеци порано.
Фокус.

Извори на Контролата на летање на скопскиот аеродром му потврдиле на Фокус дека лице со таков идентитет во тој период слетало во Македонија. Станува збор, пренесува Фокус, за светското име во пиар-от, кое работело во кампањите на двајцата француски претседатели, Франсоа Оланд и Никола Саркози, но и на пиар-от за високи регионални раководители, како на пример, во Србија кога соседната држава имаше вооружени пресметки со припадниците на ОВПМБ. Каква е српската врска на власта во ангажирањето на францускиот пиар-агент? - прашува покрај другото Фокус, завршувајќи со заклучокот дека многу прашања за организацијата на полициската акција во која загинаа осуммина македонски полицајци останале неодговорени, но дека скап и добар пиар очигледно покрива сè.

Република - Народот дава сила, не амбасадорите

Туѓото не чини, добро е само нашето. Вака некако може да се толкуваат пораките што Република ги испраќа во неколкуте текстови за контрамитингот на ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на власта, како што беше објавено, и сеграѓанскиот протест пред Владата, а против актуелната власт на чело со Груевски. „Народот дава сила, не амбасадорите“, пишува во уводникот неделникот, за да напише дека откако опозицијата доживеала фијаско, цитирам, „кучињата на Заев почнаа да лаат против митингот на ВМРО-ДПМНЕ“. Па дека странските центри на моќ направиле пеколно сценарио за да ги реализираат своите цели, но го превиделе, цитирам, „огромното мнозинство граѓани кои се свесни за нивната цел“. Па дека главен организатор на опозицискиот митинг бил, кој друг, ако не Милчин од фондацијата Сорос.

Глобус - Нема правда, нема мир слушнато и во светот

„Нема правда, нема мир слушнато и во светот!“ - го насловува својот текст за антивладиниот протест он-лајн магазинот Глобус, потсетувајќи дека и гостите од странство на 17 мај забележале дека решеноста да се истераат на чистина криминалните дејности и диктаторските модели на кршење на системот, на групните и поединечни права имаат масовна поддршка, но и дека се дел од потрагата по вистински европски вредности. Па го цитира Сергеј Станишев од Партијата на европските социјалисти, кој се обрати пред илјадниците граѓани: „Слушнав дека многу луѓе изговараат една иста реченица - Нема правда, нема мир. И сакам да знаете дека вашиот глас е слушнат во ЕУ. Сакам да знаете дека вие сте важни, дека сте обединети заедно и никој не смее да го игнорира тоа!“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG