„На многу места тие се повлекуваат“, изјави американскиот потпретседател откако ирачката влада деновиве прогласи победа врз оваа сунитска екстремистичка група во градот Тикрит.
Сепак, Бајден изрази и претпазливост, наведувајќи дека борбата против милитантите продолжува и натаму.
„Се уште ни претстои долга борба. Не сакам да цртам розова слика. Но, аурата на непобедливост на Исламската држава е скршена“, рече Бајден.
Ирачките сили и шиитските борци, поддржани со воздушни напади од сојузниците предводени од Соединетите Држави успеале да ги истераат милитантите на Исламската држава од градот што го држеа во нивна контрола од јуни минатата година.
Се уште ни претстои долга борба. Не сакам да цртам розова слика. Но, аурата на непобедливост на Исламската држава е скршена.Џо Бајден, потпретседател на САД.
Бајден додаде дека борбата против милитантите на Исламската држава ги обедини сунитите, шиитите и Курдите во Ирак.
„Иронија на сите иронии е што всушност Ирак има придобивки од неговата влада поради Исламската држава“, изјави Бајден, кој му честиташе на ирачкиот премиер Хајдер ал Абади за тоа што им нареди на шиитските паравоени формации да го напуштат градот Тикрит во кој главно живеат сунити по извештаите дека тие вршеле грабежи и го уништувале имотот во градот.
За 14 април е планирана посета на ирачкиот премиер Хајдер ал Абади на Вашингтон при што е најавена средба со американскиот претседател Барак Обама. Тоа ќе биде прва посета на Абади на Соединетите Држави откако минатиот август ја презеде функцијата.
„Пред извесно време светот виде како ирачката армија се топи пред милитантите на Исламската држава, но сега тие почнаа да се повлекуваат“, оцени Бајден во говорот во Националниот универзитет за одбрана.
Ирачките безбедносни сили деновиве покренаа нова офанзива во напорите да ги истераат милитантите од провинцијата Анбар која во минатата година брзо ја освоија благодарение на дезорганизираната и деморализирана ирачка армија.
Бајден побара од ирачките лидери да продолжат даправат компромиси со цел да се одбегнат верските поделби.
Бајден, додека беше сенатор во 2006 и 2007 година, повика на делење на Ирак на три автономни региони врз етничка основа.
Ваквото негово гледање на работите во Ирак предизвика големи критики во Соединетите Држави.
Спикерот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, републиканецот Џон Бенер, тогаш тоа го оцени со следните зборови:
„Неговото сиромашно расудување и неговиот неуспех го прават смешен избор како заштитно лице на напорите на американската администрација во Ирак“, рече тогаш Бенер.