Од Министерството за образование и наука сè уште нема одговор на барањата на средношколците кои трет ден ја бојкотираат наставата. Министерот во понеделникот рече дека средба секако ќе има, но треба да се најде слободен термин во агендата, повикувајќи ги учениците да не бојкотираат настава, оти местото им било во училишните клупи. Меѓутоа министерот минатата недела најде време да се сретне со претставници на Унијата на средношколци, кои се против барањата на учениците кои бојкотираат.
Учениците треба да бидат припремени за да може да полагаат математика, во однос на нивното право, инаку чисто за полагање на математика како во државна матура, јас сум, сметам дека математика треба да се воведе, но не вака анблок, туку да се направи образовна стратегија, каде што уште во основно образование ќе се вложи во математиката.Горица Илиоска, професорка.
Унијата е организација која неколку години беше во мирување, а воскресна откако средношколците се побунија. Обидите да стапиме во контакт со нив беа неуспешни.
За средношколците кои бојкотираат нема место во агендата на Абдилаќим Адеми, а нема ни одговор од Министерството кога би се случила средбата, што мислат тие за барањата на учениците и дали се запознаени со притисоците кои се прават врз учениците за да не бојкотираат. И денеска, покрај сите наши обиди, од МОН нема одговор, како што впрочем немало ни досега. Секој наш обид да добиеме мислење од нив, завршува неуспешно, најдалеку што сме стигнале било – ќе ви одговориме подоцна, а тоа никогаш не се случува.
Кога беше започнато со овие реформи не ни се веруваше дека тоа е можно да се реализира и тогаш требаше да реагираме, меѓутоа имајќи предвид дека ние немам синдикат за образование, во тоа сум длабоко убедена, ние сме длабоко убедени, ние сме немоќни, затоа што не можете сами, мора да имате лидер.Горица Илиоска, професорка.
Бојкотот постојано се шири и покрај тоа што директорите и професорите во дел од средните училишта во Скопје, како и низ внатрешноста, се обидувале да го прекинат бојкотот на учениците и ги терале да се вратат на настава со закани со казни, неоправдани, па дури и бркање од училиште.
Средношколците велат дека мора нешто да преземат против лошите реформи.
Професор Горица Илиоска од гимназијата Никола Карев, која беше и претседател на Здружението на директори на средните училишта, вели дека средношколците се во право во дел од нивните барања.
„Учениците треба да бидат припремени за да може да полагаат математика, во однос на нивното право, инаку чисто за полагање на математика како во државна матура, јас сум, сметам дека математика треба да се воведе, но не вака анблок, туку да се направи образовна стратегија, каде што уште во основно образование ќе се вложи во математиката.“
Што се однесува до екстерното тестирање, Илиоска вели дека потполно се во право.
„Екстерното оценување на учениците и на професорите, затоа што многу е јасно дека на тој начин се врши еден голем притисок врз наставниот кадар, мислам дека е најголемата будалаштина што можеше некој да ја примени, за што ве уверувам дека ни се чудат, јас сум во тек со образовните системи посебно во поранешните Југословенски републики, се чудат на сите овие новитети кај нас во образованиот систем, а најголема будалаштина во сето тоа е ова екстерно оценување, значи не само што не се зголеми квалитетот, туку драстично опадна квалитетот на образовниот систем.“
Учениците се денеска во холот на училиштето, вели Илиоска, седат и не знаат што да прават. Вели дека како професори сега не можат ништо да направат, оти тогаш кога требало, ништо не направиле.
„Кога беше започнато со овие реформи не ни се веруваше дека тоа е можно да се реализира и тогаш требаше да реагираме, меѓутоа имајќи предвид дека ние немам синдикат за образование, во тоа сум длабоко убедена, ние сме длабоко убедени, ние сме немоќни, затоа што не можете сами, мора да имате лидер“, вели таа.
Според неа, решението е во седнување на маса на сите засегнати страни. Она што треба прво да се направи е да се вложи во инфраструктура, во опремување на училиштата, за да може после да се очекува квалитет, вели таа.
„Верувајте дека ние тоа можеме многу едноставно да го направиме, ние ќе се вклучиме во се она што е квалитет, меѓутоа почнувајќи од основата, а основата е тоа.“
Дел од професорите со кои контактиравме, кои сакаа да бидат анонимни, велат дека директорите се партиски кадар и затоа морало да го задушуваат бојкотот.
Народниот правобранител вчера преку писмо реагираше за случајот со бојкотот на учениците. Тој посочува дека надлежното министерство треба сериозно да им посвети внимание на забелешките и ставовите на средношколците, да ги почитува и во разговор со нив да ги слушне нивните мислења. Освен укинувањето на математика како задолжителен предмет за полагање при државна матура, средношколците бараат да се врати стариот концепт на полагање државна матура, односно да се отфрли електронското тестирање кое, според нив, е нефункционално и да се сопре екстерното тестирање.